Пендаровски вели дека последна дебата која ќе ја имаат и која е потврдена од двајцата кандидати е таа на 6 мај на телевизија Канал 5

Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат, Стево Пендаровски вели дека дуелот на Македонска телевизија за кој објави неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова никогаш не бил договорен меѓу двајцата кандидати.
Пендаровски вели дека последна дебата која ќе ја имаат и која е потврдена од двајцата кандидати е таа на 6 мај на телевизија Канал 5.
„После јавната бламажа на трите досегашни ТВ дуели, Гордана Силјановска-Давкова сфати дека единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со ‘празно столче’ во договор со јавниот сервис чии генерален директор со месеци е ангажиран во партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ“,
напиша Пендаровски на социјалните мрежи.
Според Пендаровски, по ниските морални и етички стандарди кои ги поставиле ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова до сега во кампањата ова, како што вели тој, е „ново дно што може да ги изненади само оние кои не го познаваат начинот на делување на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната партиска кандидатка“.
Претходно денеска кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот профил на Икс напиша дека во најзначајната претседателска дебата на Македонската телевизија, ќе дебатира со „празно столче“. Силјановска-Давкова, вели дека не и е јасно зошто нејзиниот противкандидат не им овозможил на граѓаните повторно да ги соочат нивните програми и ставови.
Вчудоневидувачки е како во најзначајната претседателска дебата пред националниот сервис, Македонската телевизија, јас ќе дебатирам со празно столче.
— Гордана Силјановска Давкова (@gogamkd) May 2, 2024
Не разбирам зошто мојот противкандидат (@SPendarovski) им оневозможи на граѓаните повторно да ги соочиме нашите програми и ставови. pic.twitter.com/92RjecriRS
Во коментар на објавата Силјановска-Давкова го потсетува Пендаровски дека последната дебата е закажана за понеделник и го повика да се одважи и да се појави.
„Основна задача на шефот на државата е да гради консензус преку дијалог со сите“,
пишува Силјановска-Давкова.
Во текот на оваа недела, кандидатите кои продолжуваат во вториот круг од претседателските избори, кои ќе се одржат на 8 мај, за два дена имаа два телевизиски дуела, едниот на ТВ 21 и вториот на телевизија Телма.