Времето на надгласување, времето на мајоризација е поминато, рече тој на денешната прес-конференција, додавајќи дека ќе треба уште време за да ја сфатиме логиката на Рамковниот договор и механизмите што ги наметнува тој, како што е Бадентеровото мнозинство
Покрај мнозинството од 61 пратеник, фактор за состав на идна стабилна влада ќе биде и Бадентеровото мнозинство, порача Бујар Османи на денешната прес-конференција на која говореше во името на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која, како што кажа, на парламентраните избори ќе освои 20 пратеници.

Одговарајќи на новинарско прашање со кого ДУИ и коалицијата ќе прават влада кога и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не ги посакуваат како владин партнер, Османи рече дека нивната цел никогаш не била да бидат посакуван партнер на овие две партии од македонскиот полиитчки блок, туку посакуван партнер и претставник на народот.
Во врска со двете мнозинства – апсолутното од 61 пратеник и Бадентеровото мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници, Османи рече дека тоа произлегува во Охридскиот рамковен договор.
„Двете мнозинства се неопходни за стабилна влада и стабилен парламент и затоа забораваме некогаш и сè уште размислуваме според концептот од пред Рамковниот договор и 2001 година кога размислуваме само за едното мнозинство од 61 пратеник. Едното мнозинство секогаш оди со второто мнозинство наречено Бадентерово мнозинство“,
рече Османи.
Времето на надгласување, времето на мајоризација е поминато, рече тој, додавајќи дека ќе треба уште време за да ја сфатиме логиката на Рамковниот договор и механизмите што ги наметнува тој.
„Мислам дека се јалови сите обиди за да се потцени второто мнозинство после било кои избори после 2002 година“,
рече Османи.
Прашањето поставено од еден од новинарите, што доколку победниците од македонскиот блок не ги поканат ДУИ и коалиција да бидат дел од идната влада, Османи го оцени како многу навредливо за него и за Албанците.
„Како размислувате уште дека Албанците можат да бидат народ којшто може да биде поканет или непоканет. Граѓаните одлучуваат кој ќе ја формира владата. Затоа има две мнозинства според Рамковниот договор. Прво се бара 61, потоа се бара Бадентерово мнозинство. Тие што ги исполнуваат двете мнозинства, тие формираат влада, тоа е толку просто и јасно“,
рече тој.

На забелешка од новинарка дека мандадот за состав на влада го добива еден човек и дека за нејзин избор е потребно само апсолутно, но не и Бадентерово мнозинство, Османи повтори дека влада не може да се формира без Бандентерово мнозинство.
Повторно прашан што ќе се случи ако не влезат во влада, бидејќи еднаш веќе имавме таква ситуација во 2006 година, Османи одговори:
„Уште еднаш ќе кажам: нема влада без двојното мнозинство – 61 плус Бадентерово мнозинство. Тоа се услови без кои не се може според Рамковниот договор за формирање на влада. Нема стабилна влада, ниту функционален парламент без Бадентерово мнозинство, тоа е основниот дух на Рамковниот договор и тоа на сите им е јасно, и на македонските политички партии, и на албанските, и на турските, и на останатите. Затоа ви велам уште еднаш без овие две мнозинства – 61 плус Бадентерово мнозинство не може да има функционално мнозинство за формирање на влада. И ова не е некоја моја проценка. Јас ви кажувам за Рамковниот договор, за духот на Рамковниот договор и за функционирањето на државата во последните 20 години. Јас не знам како да го објаснам, дали да земам табла и да нацртам“,
рече Османи.