Главните заложби и ветувања од изборните програми на политичките партии и коалициите на едно место ги објави Центарот за управување со промени (ЦУП). Интернет-страницата „odgovornavlada.mk“ им овозможува на граѓаните да ги споредуваат и следат ветувањата на политичарите на поедноставен начин зашто истражувањата на ЦУП укажуваат дека гласачите не ги читаат и анализираат изборните програми
Работејќи на редизајниран систем на управување, од ЦУП сакаат и програмата за работа на Владата по изборите да биде поформализирана, со обврски за министрите и директорите
Политичките партии и коалиции, која порано, која подоцна, ги објавија изборните програми. „Платформа 1198“, „Програма за европска иднина“, „Европа 2030“, „План 2030“ се само дел од нив. Се ветуваат проекти за подобар живот, за членство во Европската Унија, за промена на Уставот, за…; за што партиите мислат дека му е важно на домашниот гласач.
Во теорија, програмите треба да им помогнат на граѓаните да се информираат и врз основа на тоа да донесат одлука за кого да го дадат својот глас. Односно, да проценат која партија или коалиција ги застапува нивните потреби, интереси и ставови.
Но, колку граѓаните се информираат од програмите за ветувањата на политичарите? Или, поедноставно им е да веруваат во она што го слушаат на митинзите и во изборните реклами?
Ова прашање им го поставивме на неколкумина случајни минувачи, кои ни рекоа дека или не знаат каде да ги најдат програмите или дека не ги читаат.
Сега, по првпат, граѓаните добиваат помош. Невладината организација Центар за управување со промени (ЦУП) ја направи интернет-страницата „odgovornavlada.mk“ на која се објавени изборните програми на четири коалиции и една политичка партија.
Целта е ветувањата на политичарите да се споредуваат и следат на поедноставен начин и на едно место зашто нивните истражувања укажуваат дека граѓаните не ги читаат и анализираат изборните програми.

„Од проста причина што тие се многу големи и треба многу практично да копаат преку програмата за да можат да дојдат до суштината“,
вели Димитар Врглевски – проектен асистент во ЦУП.
На едноставен, а воедно впечатлив начин се прикажани ветувањата на политичките субјекти групирани во 11 области како економија, енергетика, здравство, земјоделство итн.

„Тимот на Центарот за управување со промени ги извлече конкретните, мерливите ветувања за да можат граѓаните да ги прегледаат, да направат споредба со моменталната состојба, но исто така да направат споредба помеѓу ветувањата на различните политички субјекти и да направат објектива, информирана одлука на парламентарните избори“,
смета Врглевски.
Кога ќе влезете во одредена област, од десната страна може да изберете еден од политичките субјекти. За секој од нив се прикажани подобласти што ги содржат јасно дефинираните и мерливи ветувања содржани во програмата.
„Ние не интерпретиравме, туку ги извадивме буквално како што се во нивните програми, со тоа што се обидовме да ги ставиме со појасен јазик“,
вели Искра Белчева Ристовска – програмска координаторка во ЦУП.
„Мерливо значи дека кога политичките субјекти од стартот на самите избори, кога во нивните предизборни ветувања користат едноставни формулации што се особено квантитативно мерливи, тоа ги прави многу поотчетни. Тоа значи дека понатака може да се увиди дали реално тие ги оствариле ветувањата што сега им ги пласираат на граѓаните и со кои им го бараат гласот“,
вели Врглевски.

Но, може директно да се пристапи и до оригиналната програма на партијата, како и да се прегледа моменталната состојба во таа област.
„Каде се содржани информации од официјални извештаи на државните институции како што е Државниот завод за статистика, официјалните извештаи на министерствата и извештаите на Европската комисија“,
додава тој.
Оваа платформа ќе ги прикажува програмите на политичките субјекти сè до формирањето нова влада. Тогаш, партиите што ќе станат дел од мнозинството, ќе треба да состават програма за функционирањето на владата, па ќе биде проверливо кои од ветувањата во партиските програми ги ставиле во владината програма, а кои ќе ги заборават.
„Следно, кога ќе влезат во Влада носителите на одлуки, би сакале малку повеќе да дадеме акцент на нивната мандатна програма. Во моментов, нели, мандатарот ја изложува програмата на Владата што ја предлага пред Собранието, но таа потоа не е формализирана, ниту стои како некоја обврска за министрите и за премиерот, таа е само предлог-програма во оваа фаза. Ние би сакале, работејќи на ваков редизајниран систем на управување, таа да биде поформализирана, односно да стојат како обврски на сите што влегуваат како министри и како директори дека имаат обврски во однос на реализацијата на политичките ветувања“,
вели Искра Белчева Ристовска – програмска координаторка во ЦУП.

Ова треба да доведе до поголема одговорност на функционерите за испорака на ветувањата, а резултатите да бидат видливи, мерливи и споредливи за граѓаните да можат да ги следат.
„Крајно, оваа платформа треба да ги содржи ваквите политички цели по областите кои ги дефиниравме на Владата и ние во тој период ќе почнеме дури да ја следиме и реализацијата. Оттука, граѓаните што сега ќе се запознаат со содржината на платформата, очекуваме дека ќе ја познаваат како веродостоен извор на кој понатаму, кога ќе ја следиме реализацијата на политиките, ќе можат да се осврнат во секој момент да видат до каде е исполнувањео на овие дадени политички ветувања, односно какви се резултатите на Владата која очекуваме дека наскоро ќе биде“,
додава Белчева Ристовска.
Платформата „odgovornavlada.mk“ е дел од проектот „Преосмислување на управувањето“, поддржан од Британската амбасада, со кој треба да се воспостави зајакнат центар на Владата од неколку клучни институции кои би требало подобро да ги координираат и планирањето и реализацијата на политиките.
„Битно ни е и во Владата кога се планираат политиките да бидат базирани врз докази, врз она што е потребно за ресорната област во општеството. Кога ќе се дефинираат индикаторите за тоа што е потребно да се направи и како ќе се мерат, ова ќе биде многу поедноставно и за администрацијата да знае кои се целите и како ќе ја мери својата работа и кон што се стреми, но и за граѓаните за да знаат точно што да очекуваат од институциите како испорачан резултат“,
смета таа.
Велика Британија има добро развиен систем на следење на ветувањата и остварувањата на владата. Дел од тој систем била единицата за следење резултати во премиерскиот кабинет која сега не постои, но се задржала таа институционална култура. На пример, британската влада ветува реформа за намалување на емисијата на стакленички гасови во авиосообраќајот, но не застанува само на апстрактно ветување, туку дава точен рок со поставени цели низ бројки и проценти – каква е состојбата сега, како ќе се развива, а каде треба да се стигне.