„Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам дека никој не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола. Сите ние знаеме добро што се случува кога ВМРО-ДПМНЕ е без контрола: стануваат насилни, владеат со страв и уцени, ги користат новите партии како ЗНАМ и ги елиминираат кога веќе не им се потребни. Одговорни сме тоа да го спречиме“, порача Филипче од Неготино
Кандидатот за пратеник на СДСМ и носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица, Венко Филипче вечерва на предизборен митинг во Неготино ги повика граѓаните да им се спротивстават на „оние кои очигледно сакаат СДСМ да биде поделена“ и порача дека многу од гласовите што биле дадени за други претседателски кандидати можат да бидат вратени за листите на СДСМ и коалицијата.
Според него, секој глас даден за партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски е глас даден за ВМРО-ДПМНЕ и за поделба на социјалдемократите.
Филипче оцени дека „СДСМ е единствена партија која го исправа кормилото на бродот кога тој ќе биде повлечен во погрешен правец“.
„Ве повикувам да им спротивставиме на оние кои очигледно сакаат СДСМ да биде поделена. Нека не ве лажат кога ви кажуваат дека глас за ЗНАМ е глас за социјалдемократска партија. Или дека, пак, тоа не е против СДСМ. Така лажеа пред првиот круг, така веќе не можат да лажат. Последниве два дена паднаа маските и станува јасно дека глас за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е глас за поделба на македонските социјалдемократи, на прогресивните, глас за слабеење на СДСМ на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин не се казнува СДСМ, само се наградува ВМРО-ДПМНЕ“,
порача Филипче.
Тој додаде дека на тој начин ќе се награди ВМРО-ДПМНЕ да владее без контрола и без разум.
„Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам дека никој не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола. Сите ние знаеме добро што се случува кога ВМРО-ДПМНЕ е без контрола: стануваат насилни, владеат со страв и уцени, ги користат новите партии како ЗНАМ и ги елиминираат кога веќе не им се потребни. Одговорни сме тоа да го спречиме“,
изјави носителот на пратеничката листа на СДСМ во четвртата изборна единица.
Со ваков став вечерва излезе и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „360 степени“. На прашањето, зошто, според СДСМ, секој глас за Димитриевски и ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски одговари:
„Секој глас што го намалува потенцијалот на СДСМ, ја зголемува разликата со ВМРО-ДПМНЕ и кога ќе се погледнат гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, имаат 360 илјади, а на левиот дел од спектарот се над 250 илјади гласови. И затоа, велам, секое раситнување на десница или левица, практично, работи за другата страна. Имавме таков случај во 2006 година кога се формираше НСДП, тие освоија 60-70 илјади гласови, тоа го намали потенцијалот на СДСМ, па со 300 и нешто илјади гласови во тоа време ВМРО-ДПМНЕ формираше влада и владееше 11 години, а НСДП денес е коалиционен партнер на СДСМ“.