Очекуваме, врз основа на нашата симулација и нашата аналитика во секоја од изборните единици, да качиме по еден пратеник, дури и во шестата изборна единица – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Резултатите од првиот круг претседателски избори претворени во пратенички места покажуваат 53 мандати за ВМРО-ДПМНЕ во новиот парламент, но нашите очекувања се дека ќе имаме по еден пратеник плус во секоја изборна единица на парламентарните избори на 8 мај – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 вели дека актуелните анализи покажуваат зголемување на бројот на гласови за претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова и за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски: Очекуваме, врз основа на нашата симулација и нашата аналитика во секоја од изборните единици, да качиме по еден пратеник, дури и во шестата изборна единица. Таму ни требаат околу 4 015 гласа плус. Од овој број што го имаме, од 17 илјади и нешто ни требаат уште 4 015 гласа повеќе.
360°: Тоа значи дека очекувате 59 пратеници?
Мицкоски: Очекувам Силјановска да има 500 илјади плус, да освои повеќе од 500 илјади гласови, а коалицијата ‘Твоја Македонија’ предводена од ВМРО-ДПМНЕ да има 55 плус, повеќе од 55 пратеници.
360°: Тие два плус манадати од кого би ги земале?
Мицкоски: Јас реков дека очекувам во секоја изборна единица по најмалку еден да качиме, длабоко во себе верувам дека ќе дојдеме и до бројка од 58-59. Некое поконзервативно сценарио е 55 плус.
На прашањето дали тоа ќе бидат мандати што ќе ги загуби СДСМ или ЗНАМ (според симулацијата на резултатите од првиот круг, СДСМ добива 24 пратеници, а ЗНАМ 10 мандати, н,.з.), Мицкоски вели дека се прават калкулации и подетални податоци партијата ќе има за неколку дена, односно в среда, кога очекуваат резултати од нова анкета.
„Мислам дека сите ќе загубат по малку, а периодот му одгвоара на ВМРО-ДПМНЕ повеќе, бидејќи онаму каде што е посилна ВМРО-ДПМНЕ, тоа е дијаспората и иселениците. Голем дел од нив најавија присуство за време христовото воскресение, празникот Велигден, дома овде во Македонија и ќе останат до денот на гласање и ќе можат да го остварат своето избирачко право“,
рече Мицкоски.