По 8 мај ќе бидеме дел од владината коалиција, порача денеска од Тетово носителот на листата во шестата изборна единица од коалицијата „Вреди“, Билал Касами

Коалицијата „Вреди“ денеска во Тетово ја претстави својата изборна програма „План 2030“ во која една од главните точки е донесување нов устав со кој Албанците би биле второ мнозинство во државата.
Во програмата се предвидува и забрана за коцкање и брзи заеми, ослободување затвореници од монтирани случаи, слободни економски зони за печалбари и млади, зголемување пензии, социјална помош и субвенции, а капиталните инвестиции да достигнат до 150 евра по жител.
Носителот на листата во шестата изборна единица Билал Касами рече дека нивната програма ќе биде победничка и дека по парламентарните избори ќе бидат дел од владината коалиција.
„Нашата програма се однесува на економскиот развој, интегрирање на државата во Европската Унија, како и на подобрување на меѓуетничките односи, подобрување на правата на Албанците кои ги претставуваме. Сигурни сме дека на 8 мај оваа листа и оваа програма ќе бидат победнички и после 8 мај ќе биде дел од владината коалиција“,
рече Касами.
На прашањето за потенцијално коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ по парламентарните избори, Касами одговори дека се подготвени за разговор.
„Кажуваме дека сме подготвени да седнеме да разговараме за составување на идната влада, со тоа што цениме дека сме единствени претставници на Албанците“,
рече Касами.
Арбен Таравари, кој беше кандидат за претседател од „Вреди“, но отпадна од трката во првиот круг, рече дека нема дефинитивна одлука кого би поддржале во вториот круг и таа ќе биде донесена во текот на наредните денови.

И Таравари смета дека сегашниот Устав има недостатоци и не ја претставува реалноста во државата.
„Убедени сме дека сегашниот Устав има недостатоци, ограничен е и во многу делови не ја претставува денешната политичка, социјална и етничка реалност во државата“,
рече Таравари.