Суспензивното вето да стане апсолутно, промена на уставната клаузула од 20 отсто за јазикот, темелни уставни реформи, нов граѓански устав, зголемување на ингеренциите или избор на претседателот на државата во Собранието, се дел од предлозите на претседателските кандидати презентирани во првото и единствено предизборно соочување на МРТ 1.
Во првиот круг прашања за програмите, претседателскиот кандидат на СДСМ и актуелен шеф на државата, Стево Пендаровски, порача дека се залага за апсолутно наместо суспензивно вето, како и за тоа клаузулата од 20 отсто во Уставот да се замени со албански јазик. Во реплика на останатите противкандидати тој потенцира и дека досега има употребено две вета со што, како што рече, е единствениот претседател на државата со најмногу искористени вета во историјата на Македонија.

„Суспензивното вето треба да премине во апсолутно вето затоа што претседателот неспорно има широк, народен, граѓански легитимитет поради начинот на кој се бира, значи од сите граѓани во државата. А вака ќе ти го вратат и во рок од ден, два, три мораш да го потпишеш тоа, ако е со мнозинството кое го бара Уставот. Значи, во тој дел да, во однос на другите потребни промени на Уставот не мислам дека е потребен цел Устав да се менува, мислам дека имаме поприоритетни работи во однос на европската интеграција, да ги ставиме Бугарите во Устав сум за тоа и ако се отвора Уставот, се разбира, да има две третини за сето тоа, бидејќи без две третини не може да го направите тоа, да 20 % станат албански јазик, бидејќи тоа е еуфемизам“,
рече Пендаровски.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордна Силјановска Давкова, пак, предлага темелни уставни реформи.
„Секаде рамнотежата на трите власти е пореметена во однос на егзекутивата. Кај нас е особено пореметена и проблем е што има две влади, два парламента во кои нема комуникација, а мора да има. Што треба? Треба темелни уставни реформи на овој ‘Франкенштајн’ Устав, што тешко се чита и од експерти. Но треба врз основа на поширока експертска анализа. Ние во уставната комисија немаме експерти, а мора да имаме, кои постојано дијагностицираат нефункционалност и предлгаат соодветни решенија“,
посочи Силјановска-Давкова.

Претседателскиот кандидат Стевче Јакимовски од ГРОМ е против уставни измени, но се залага за зголемување на надлежностите на претседателот на државата.
„Чудно е двојството да претседателот назначува началник на Генералштаб и директор на Агенцијата за раузунавање, а не назначува гувернер на НБРМ. Назначувањето на гувернер на НБРМ ќе значи поголема самостојност на централната банка, која има најголема доверба. И сметам дека во Уставен суд и Судски совет треба директно претседателот да предлага членови, без политичко пазарење“,
вели Јакимовски.
За Бујар Османи, кандидатот на ДУИ и „Европскиот фронт“, претседателот треба да се бира во Собранието, а функцијата претседател, според него, има три столба.
„Како прво, да е компас на евроинтегративниот процес, сврзно ткиво на етничките наративи и трето – креатор на државниот консензус. Сегашниот модел е дополнителна поларизација и ескалација. Во минатото опозицијата не им се обраќаше со претседател, туку со име, тој немаше авторитет да ги смири политичките кризи како причина за стагнација. Мислам дека во еден инклузивен процес помеѓу македонскиот блок ќе има деполаризација, меѓутоа и вклучување на сите останати во донесување на одлуката. Не значи бегање од соочување со граѓаните, туку унапредување на демократијата во духот на Охридскиот договор“,
рече Османи.

Билјана Ванковска, кандидатката на Левица, порача дека се потребни радикални промени.
„Враќање на достоинство на нацијата, демосот, на македонкиот народ, сите граѓани. Ние во 1991 година тргнавме по една патека, 2001 година залутавме по друга патека и сега веќе не знаеме каков ни е системот. Јас сум за нов устав со сите овие слабости што уставниот поредок ги покажува, меѓутоа и тој самиот продуцира, ако 2001 бил причина за војна, сега е причина за катастрофа“,
вели Ванковска.
Претседателскиот кандидат на коалицијата „Влен“, Арбен Таравари, посочи дека треба да се прифати демографијата таква каква што е во однос на јазикот.
„Најдете една држава каде што дефиницијата за употреба на јазикот е со проценти и бројки. Во Косово живеат пет отсто Срби и јазикот е на цела територија. Пред 50 години службени јазици беа македонски, албански и турски. Сега зборуваме дали ќе употребиме 20 отсто или не. За претседател, да дадеме или повеќе ингеренции или зошто да не разговараме за отворање нов устав и други нови ингеренции на претседателот и други решенија за проблемите во државата“,
вели Таравари.
Според Максим Димитриевски, кандидатот на ЗНАМ, не се потребни уставни измени.
„Не е потребно да се менува, да не се дозволи уривање на унитарноста на државата и да се дозволи скриена трансформација на Македонија од прост во сложен тип на уредување. Отворено веќе трета деценија поедини политичари говорат, а нашата политичка елита водејќи се субјективно и лукративно отстапува во континуитет“,
потенцира Димитиревски.