„Пред четири години госпоѓата има изјавено во една телевизиска емисија дека потписниците на Преспанскиот договор треба да бидат кривично гонети, треба кривично да одговараат. И сега велиш дека е добро што сме членка на НАТО. Епа госпоѓо, без Преспа нема НАТО“, рече претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ на вечерашниот митинг во Велес
Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат на функцијата Стево Пендаровски, кој ја има поддршката на СДСМ, вечерва од Велес порача дека без Преспанскиот договор земјава немаше да стане членка на НАТО.

Говорејќи во оваа насока, Пендаровски рече дека 30 години никој немал храброст, доволно знаење и посветеност да го реши проблемот со Грција и да ја внесе Македонија во Северноатланската алијанса.
Со тоа, како што рече, Македонија, земја со 1,8 милиони жители е заедно со најголемите и најразвиените светски велесили.
Неговите политички ривали и противкандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, рече Пендаровски манипулираат со граѓаните околу ова прашање и оти не знаат што зборуваат сега, а што кажувале порано и што имаат напишано во нивната програма.
„Делумно е манипулација со нашите граѓани и потценување на нивната интелегенција, а делумно е зошто не знаат што зборуваат сега, што зборувале порано и што напишале во програмата. Пред четири години госпоѓата има изјавено во една телевизиска емисија дека потписниците на Преспанскиот договор треба да бидат кривично гонети, треба кривично да одговараат. И сега велиш дека е добро што сме членка на НАТО. Епа госпоѓо, без Преспа нема НАТО“,
рече Пендаровски.
Во однос на обвинувањата од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, Пендаровски рече дека не може да му се верува на некој што со судска пресуда е прогласен за лажго.
„Многу е тешко да му одговориш на човек кој со судска пресуда неодамна е обвинет дека е лажго. Лажеше за една хациенда на министерката за одбрана. Судот, не јас или вие, рече дека лаже и јас не видов дека после таква судска пресуда се извини. Меѓутоа знаете што е разликата меѓу нив и нас – нивните први луѓе на Мицкоски, не само на Силјановска, лично мене ме навредуваат. Ме нарекуваат измеќар, слуга нечиј, ме нарекоа дури и инфантилен. И да се вратам на господинот Ковачки – колку вреди зборот на еден некогаш висок чин во војската кој побара НАТО безбедносен сертификат и беше одбиен. Знаете кого одбиваат за НАТО сертификат? Само оние кои работат против интересите на Македонија“,
рече Пендаровски.
Toј им порача на велешани на 24 април да го заокружат бројот 1 на гласачкото ливче за стабилност во наредните пет години.
Претходно, Пендаровски одржа митинг во Чашка и во Свети Николе каде што побара поддршка за уште еден претседателски мандат. Потсети на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години – членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија.
„Затоа овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. Дотогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија“,
рече Пендаровски.