„Јас лично немам книшка од ниту една партија, единствена книшка што ја имам дома е крводарителската во која пишува нулта позитив“, вели една од приватните специјализанти

Од утрово продолжи штрајкот на приватните специјализанти, кој почна вчера. Најавите се дека штрајкот ќе трае сè додека не помине седница на Владата и додека Министерството за здравство не излезе со официјално соопштение за донесената одлука.
Приватните специјализанти велат дека зависно од тоа што ќе биде донесено како одлука на владина седница ќе одлучат за тоа што ќе го преземат понатаму.
„Го продолжуваме штрајкот сè додека не помине седницата на Влада и додека Министерството за здравство не излезе со официјално известување што е одлучено на таа седница, па потоа со сите колеги ќе одлучиме за следните чекори“,
најави денеска д-р Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година.
Во однос на вчерашните изјави на министерот за здравство Илир Демири дека штрајкот на приватните специјализанти има политичка заднина, Илиоска-Чешлароска денеска рече дека таа нема книшка од ниту една политичка партија.
„Јас лично немам книшка од ниту една партија, единствена книшка што јас ја имам дома е крводарителската во која пишува нулта позитив“,
додаде таа.
Илиоска-Чешлароска повтори оти пред еден месец ветувањето од Демири било дека тој има разбирање за нивните проблеми, но дека тие досега не се предложени на седница на Влада.
Претставници на приватните специјализанти вчера остварија средба со министерот за здравство Илир Демири, заменик-министерката Маја Манолева и Ана Данева Маркова, советничка на премиерот за здравствени прашања. На средбата одржана во Владата им било кажано дека во однос на нивните барања за зголемување на надоместоците ќе има информација во писмена форма по денешната владина седница.
Министерот за здравство Илир Демири вчера кажа дека ги поддржува барањата на приватните специјализанти за зголемување на надоместокот што го земаат месечно, како и за тоа дека треба да добијат здравствено осигурување, но, сепак, од нив побара трпение да поминат изборите, па потоа да ги решаваат проблемите.
Меѓу барањата на приватните специјализанти се зголемување на платите, плаќање здравствено осигурување, како и регулирање на работниот статус.