Откако почнавме со онлајн настава, односно далечинско учење, малку невообичаено, но се зголеми учеството на студентите во наставата, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски.
Тој зборува и за недостигот на медицински кадри и за неуспешната приказна на дисперзираните факултети.
„Откако почнавме со онлајн настава, односно далечинско учење, малку невообичаено, но се зголеми бројот на студените, односно учеството на студентите во наставата. Самите професори вложија многу напор да продолжи наставата од типот на далечинско учење. Но, ние како Универзитет дозволивме, во зависност од дејноста на факултетот, да можам да кажам автономно да си одлучат единиците на која платформа ќе ги обават тие предавања. Така што на некои од единиците работат со Микрософт тимс, некои со зоом, некои со гугл класрум“,
вели Јанкуловски.
Тој смета дека бројот на дисперзирани факултети што се отворија во нашата земја е преголем и смета дека треба многу внимателно и со приватните универзитети.
„Сè што е премногу не носи квалитет, со зголемувањето на бројот на факултетите и универзитетите навистина сметам дека опадна квалитетот на високото образование во нашата земја и тука треба да се донесат некои итни мерки, да се направат некои промени, она што вреди да се задржи, она што не вреди нормално дека не треба да функционира и тука треба да се направат успешни обиди да се стави високото образование на свое место“,
вели Јанкуловски.