Во мај 2022 година Косово поднесе барање за членство во Советот на Европа, а на 27 март годинава Комитетот за политички прашања на ПССЕ го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска испратил писма до сите европски лидери по повод евентуалното членство на Косово во Совет на Европа, откри во интервју за српската телевизија „Хепи“, министерот за финансии Синиша Мали.
Според него, врз Србија се вршел притисок „поголем од кога било“.

„Србија сè ќе направи за да не дојде до членство… Првиот предизвик за нас е Советот на Европа и битката што ни претстои“,
посочи Мали.
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се очекува на 16 април да гласа за прием на Косово, чија независност не ја признава Србија. Конечната одлука ќе биде донесена на состанокот на Комитетот на министри на 16 мај.
На 5 април, на барање на српскиот претседател, беше формирана Работна група за координација на активностите на државните власти која ќе работи на планот „да се спречи приемот на Косово во Советот на Европа“.
Во мај 2022 година Косово поднесе барање за членство во Советот на Европа, а на 27 март годинава Комитетот за политички прашања на ПССЕ го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа.
Србија е членка на Советот на Европа од 2003 година. Белград и Приштина водат дијалог за нормализирање на односите со посредство на ЕУ. Меѓу земјите кои не ја признаваат независноста на Косово се Кина, Индија и пет земји од ЕУ – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија.