Франција ќе остане во вонредна состојба до 24 јули, јавија француски медиуми повикувајќи се на брифинг од министерот за здравство, Оливие Веран.
Вонредната состојба е на сила од 24 март во државата и се очекуваше да биде укината на 23 мај. Но, властите сега сметаат дека ќе биде прерано и најверојатно ќе биде продолжена за два месеца.
Француските власти сметаат дека ризиците ќе бидат поголеми доколку се стопираат сегашните рестриктивни мерки.
Тоа се наведува во нацрт-регулативата што денеска ја разгледува француската Влада, за која ќе се расправа во парламентот в понеделник.
Во текстот се наведуваат особено условите за луѓето кои доаѓаат во Франција и ќе треба да бидат ставени во 14-дневен карантин.
Предлог-регулативата, исто така, се однесува на воведување „информативен систем“ во врска со пациентите и нивната околина, со времетраење од една година.
Францускиот министер за здравство Веран, изјави денеска дека луѓето ќе треба да научат да живеат со вирусот некое време.
Во Франција, со ковид-19 дијагностицирани се околу 167 илјади лица, а починаа околу 24 илјади пациенти.