Генералниот секретар на владејачката парија денеска отворено повика на избори веднаш по стабилизирањето на епидемијата, нагласувајќи дека на државата ѝ се потребни функционални институции, пред евентуалниот втор бран на коронавирусот
СДСМ веќе ги реактивира изборните штабови, а генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, кој е шеф на Центраниот изборен штаб, денеска отворено порача дека изборите треба да се одржат веднаш по стабилизирањето на епидемијата.
Наспроти тоа, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, и денеска го пренесе партискиот став дека за опозицијата изборите не се приоритет во овој момент, додека земјата се уште се справува со последиците од епидемијата.
„Штом се стабилизира епидемијата, за што сме оптимисти дека брзо ќе се случи, а на основа на сите епидемиолошки и здравствени анализи на клучните надлежни институции и авторитети во здравството, веднаш после тоа треба да се реализираат изборите. Во првиот можен рок. Во моментот кога епидемиолозите и здравствените авторитети ќе проценат дека има услови за враќање на општествените текови во функција, изборите треба да станат реалност, што поскоро“,
рече Николовски од СДСМ.
На денешната прес-конференција, тој соопшти дека имал онлајн координација со шефовите на регионалните изборни штабови на СДСМ, при што биле донесени повеќе заклучоци. Тој посочи дека справувањето со коронавирусот сега преминува во нова фаза кога, како што рече, одиме кон нова нормалност на нашето живеење, кон нашето ново секојдневие.
„Затоа, СДСМ ги повикува сите граѓани за уште поголема внимателност и посветеност при почитувањето на мерките и препораките. Само ако носиме заштитни маски и ако се држиме на два метри дистанца, ќе можеме полека да го вратиме јавниот транспорт во поголема функционалност, компаниите ќе се вратат во погон, а наскоро ќе може да се активираат и дел од угостителските капацитети. Само на овој начин, преку обезбедена епидемиолошка контрола, преку строги протоколи за новата нормалност и преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може да зборуваме и за избори“,
рече Николовски.
Тој посочи дека на македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на европските интеграции. На македонските граѓани, како што рече, им треба почетокот на преговорите. На македонските граѓани им се потребни функционални институции, а пред се функционален парламент.
Од здравствен аспект, оцени генералниот секретар на СДСМ, најдобро е демократскиот избор на новиот македонски парламент и на новата македонска политичка влада, со целокупна одговорност, да се случи во период кога короновирусот е совладан, а секако пред евентуална нова закана од повторно ширење на вирусот. Веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола, како што рече, изборниот процес треба да продолжи онаму каде што застана.
Според Николовски, по два месеци од почетокот на кризата со коронавирусот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски има уплав од избори. Како можна причина за тоа Николовски ги наведе, како што рече, неуспешните напори на Мицкоски да го одложи членството во НАТО, да не добиеме одлука за преговори со ЕУ или „неговите подметнувања и желби здравствените институциите да не успеат во справувањето со епидемијата“.