Министерството за надворешни работи на Грција вели дека силно поддржале отворање пристапни преговори со Северна Македонија, демантирајќи ги тврдењата дека останале воздржани за време на вчерашниот министерски состанок во Луксембург. На прашањето на „360 Степени“ да ја појаснат позицијата на владата во Атина, од грчкото МНР одговорија:
„На последниот Совет за општи работи, Грција ја изрази својата силна поддршка за отворање преговори за членство меѓу Северна Македонија и ЕУ. Навистина, Договорот од Преспа воведе нова ера во пријателството и соработката меѓу Грција и Северна Македонија и ја очекуваме натамошната поддршка за нашата соседна земја во наредните чекори кон исполнување на релевантните пристапни критериуми додека стабилно напредува кон исполнувањето на целта – членство во ЕУ.“
Во твитер-порака на екс-министерот за надворешни работи Антонијо Милошоски Грција беше спомената како една од воздржаните земји-членки, а Франција, Холандија, Германија, Белгија, Луксембург, Шпанија и Данска како држави што биле против отворање преговори со С. Македонија. Словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, денеска во Скопје изјави дека вчера во Луксембург ниту една земја-членка не била против преговори со земјава.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Датум за преговори со ЕУ: Кој ја зборува вистината – Лајчак или Милошоски?