Рускиот премиер Михаил Мишустин е хоспитализиран откако соопшти дека е позитивен на новиот коронавирус.
„Мојот тест на ковид-19 е позитивен. Согласно препораките морам да се самоизолирам и да ги следам советите на лекарите“,
изјавил Мишустин во видео-разговор со претседателот Владимир Путин ветувајќи му дека ќе одржува телефонска комуникација за сите важни теми.
Путин, пак, му посакал брзо заздравување на Мишустин, а за вршител на должноста премиер, додека е отсутен, е именуван вицепремиерот Андреј Белоусов.
Прес-службата на премиерот нагласи дека сите кои во изминатите неколку недели биле во контакт со Мишустин ќе бидат изолирани и тестирани на коронавирус.
Во обраќањето до нацијата, рускиот премиер ги повика граѓаните да останат дома и да се спречи ширењето на новиот коронавирус.
„Уште еднаш ги молам граѓаните да ја сфатат заканата од инфекција со коронавирусот и неговото ширење со најголема сериозност. Сигурен сум дека заедно можеме да ја победиме оваа зараза и да му се вратиме на нормалниот живот“,
порача Мишустин.
За вршител на должноста премиер, додека е отсутен, е именуван вицепремиерот Андреј Белоусов.
Мишустин (54), ја презеде премиерската функција во јануари годинава откако неговиот претходник, Димитриј Медведев, си поднесе оставка.
