Името на браната е „Конско“ и се наоѓа во близина на Гевгелија. Како идеја е зачната во 70-тите години на минатиот век, но изградбата заврши пред помалку од два месеци
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека тие ја почнале целата процедура за изградба на браната. СДСМ, пак, потсетуваат дека во нивно време и почнала и завршила градбата на терен
Пред повеќе од еден месец, дури тројца поранешни премиери од редовите на СДСМ дојдоа за да го означат крајот на изградбата на браната „Конско“ кај Гевгелија. Покрај Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски и Зоран Заев, на свеченоста беа и претседателот Стево Пендаровски, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство Љупчо Николовски и многу други од актуелната власт.

„Изградивме капитален проект. Браната „Конско“ ќе биде запишана во историските документи и ќе биде сведок на едно време во кое приоритетите што се државнички и за доброто на граѓаните сме ги прифатиле и сме ги реализирале“,
рече Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство (10.3.24г.).
„Јас сум горд што токму оваа голема инфестиција започна и заврши во периодот на владата на СДСМ и драго ми е што денес се тука сите што се вклучени во овој крупен проект и многу важен за македонското земјоделство“,
изјави Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ (10.3.24г.).
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија.

„Таа инвестиција, односно тој проект, е замисла на ВМРО-ДПМНЕ. Целата проектна документација што е почната уште во 2012 година практично е почеток на реализацијата на овој голем капитален проект“,
вече Цветан Трипуновски – дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство (12.3.24г.).
Зошто политичарите и од власта и од опозицијата сакаат да се фалат со браната „Конско“?
Најголем инфраструктурен проект во послдените 50 години на југоистокот
На речиси 20 километри западно од Гевгелија, во пазувите на планината Кожув, е новата брана Конско. Изградена е на Конска Река, а ќе зафаќа води и од неколку други помали водотеци. Се работи за каменонасипна брана со висина од 75 метри. Нејзината изградба со придружните објекти официјално е завршена.

Денис Вејселов е градежен инженер кој работи на браната изминативе пет години.

„Основните карактеристики на оваа брана, сега како што гледаме, во акумулациониот простор ќе акумулира 22 милиони метри кубни вода. Тоа е голема количина што ќе биде корисна за земјоделство, за производство на електрична енергија во наредните фази, ако се имплементира проектот на подобро и подобро.“
360°: За колку време може да се наполни максималната количина вода во езерово?
„Со проектот е предвидено, со средно врнежливи години, една и пол година време за полнење… До дворот на првата куќа ќе биде, која ќе треба и да се дислоцира. Ќе фати водена површина од, во просек, 700 метри ширина и два и пол километри во должина и ќе проденесе за убав поглед од селото Конско“,
вели Денис Вејселов – дипломиран градежен инженер.

Сега останува да се направи уште пробно полнење на езерото.
„Значи, ќе се мери како се однесува телото на браната во експлоатација – и при прво полнење кога ќе се полни и после при употреба. Овие две куќарки што ги гледаме се ДСМ-систем, следење на слегување и поместување на телото на браната, а исто така имаме и сеизмичка оскултација со наместени акселографи за да се следи, при сеизмика, како се однесува браната. Кога ќе се докаже дека сè е во ред, тогаш слободно ќе се пушти во употреба“,
Вејселов.
Дотогаш помал дел од тимот ќе остане на местово за претпазливо да се завршат сите фази.

„Моментално го гледаме темелниот испуст од каде се испушта од акумулацијата. Тука имаме конусен затворач, регулационен, кој со мали интервенции, од еден до два сантиметри отворање и затворање, регулира колку проток сакаме да испуштаме.“
„Ова е само 15 отсто од капацитетот.“
360°: Сега во моментов колку има испуст?
„Ова е еден кубик во секунда, моментално“,
додаде Вејселов.
Изградбата чинеше 40 милиони евра што беа обезбедени од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Зошто се смета дека ова е најголемиот капитален проект во овој регион во последните 50 години?

„Јас како граѓанин на Општина Валандово, со моите 32 години, можам да кажам дека капитални проекти не се изградени во овој регион, секогаш се градат проекти со помал буџет. Овој прект, со ова чинење од 40 милиони евра, може да се каже дека е голем капитален објект и потенцијал што доведува до наредните фази за наводнување и за производство на електрична енергија. Веќе имаме подлога и со дополнителни инвестиции може да се зголеми и имплементира на поголем систем што ќе биде покапитален и поплодоносен“,
смета Денис Вејселов – дипломиран градежен инженер.
Браната „Конско“ е готова, но сè уште не можат да се користат нејзините потенцијали
Главната намена на браната, според проктот, е задоволување на потребите од вода за наводнување на 6 500 хектари од Гевгелиското Поле. Но за искористување на потенцијалите на овој хидросистем допрва треба да се градат подсистеми што ќе служат за наводнување земјоделски површини, а за производство на електрична енергија планирано е да се изградат две мали хидроцентрали и пловечки фотоволтаици. Со тоа би се комплетирал поширокиот хидромелиоративен систем „Гевгелиско поле“.

„Браната е на кота 550, а Гевгелија е на 50 надморска висина. Значи имаме потенцијал од 500 метри воден столб висина со што може понатаму, со нови проекти, да се импелементира и цевководот што се планира за наводнување, а и да се импелементираат хидроцентрали“,
вели Денис Вејселов – дипломиран градежен инженер.
Езерото треба да придонесе и за развој на туризмот.

„Локациски гледано Гевгелија, бидејќи е блиску до Грција и е во премин со автопатот што ни е главен коридор за туризам, за цел Балкански Полуостров што се движи кон Грција може да биде Гевгелија како локација, одморалиште за туристите па може и тука да се градат капацитети што ќе бидат привлечни за туристите и за развој на туризмот“,
додава Вејселов.
Браната ја гради конзорциум од турските компании „Серка“ и „Ак Ели“. Имале големи проблеми за да најдат работници и друг потребен кадар во Македонија. Затоа половина од работниците ги увезле од Турција.

„Дури извршивме големо интервју во Скопје преку Агенцијата за вработување за цела Македонија… Ама жално беше што од 400 присутни не можевме да вработиме ниту двајца бидејќи никој не беше заинтересиран. Тогаш дадовме најдобри услови ама пак не беа заинтересирани“,
додава тој.
Остануваат уште работа и инвестиции за целосно искористување на водниот потенцијал. Но, со изградбата на браната што како идеја потекнува од седумдесеттите година на минатиот век, поставена е барем основата.
Ако државата долго време не инвестирала во поголем капитален проект во овој регион, како што кажува нашиот соговорник од Валандово, тогаш станува јасно зошто заслугите за браната Конско ги сакаат и власта и опозицијата.