„Значи, тие промени се видливи. Сакам да укажам на тоа дека само за еден случај, за случајот на Артан Груби, сме дошле до ситуација после две опомени, поради непостапување според нив, сме пратиле допис до премиерот, кој според Етичкиот кодекс треба да одлучи која е мерката што ќе ја изрече“, изјави денеска вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковса, прашан денеска дали ќе покрене некаква постапка по допрен глас во врска случаи во кои државни функционери одеа да се потпишат за претседателските кандидати со службени возила, рече дека досега не добиле фактичка состојба, да видат со аргумент дека тоа е така.

За потсетување, неодамна, додека траеше законскиот рок во кој кандидатите за претседател на државата собираа 10 000 потписи, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ беше „уловен“ од објективите на камерите како со службено возило доаѓа во подрачна единица на Државната изборна комисија (ДИК) во Карпош, да го даде својот потпис на кандидатот на СДСМ за шеф на државата, актуелниот претседател Стево Пендаровски.
Маричиќ, откако овој негов потег се најде во медиумите, излезе со објаснување дека тој е во кругот на функционери кои имаат 24-часовно обезбедување и службено возило и дека сето тоа е уредено со закон и со владина уредба за обезбедување личности и објекти, па затоа, како што рече, многу често тој не се прашува и нема право на избор кога и каде да се движи со службено возило.
Грковска, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на трибината за улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура, рече дека досега секогаш кога имале аргументи и доказ, кој покажува дека е прекршен Етичкиот кодекс, постапувале без разлика на тоа за кого станува збор.
„Така ќе биде и во овој случај“,
рече вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.
Говорејќи во таа насока, таа потсети дека пред извесно време испратиле отворено писмо до јавноста и до сите политички субјекти, без разлика на кое ниво на власт се, да водат сметка за јасно разграничување на партиските и државните активности и да нема злоупотреба на државни ресурси и и капацитети за време на политичката кампања во пресрет на претседателските и парламентарните избори.
Прашана дали е задоволна од нејзината работа во мандатот, Грковска рече дека кога станува збор за опомените за несовесно користење на службените возила, била забележана промена во однесувањето кај функционерите до кои стигнале вакви опомени за прекршување на Етичкиот кодекс, освен во еден случај.
„Кај тие што се опоменати, освен во еден случај, видлива е промената дека се внимава уште повеќе затоа што во нашиот кабинет после овие опомени се јавуваат функционери за да се консултираат воопшто доколку постапат некако би го прекршиле Етичкиот кодекс. Значи, тие промени се видливи. Сакам да укажам на тоа дека само за еден случај, за случајот на Артан Груби, сме дошле до ситуација после две опомени, поради непостапување според опомените, сме пратиле допис до премиерот кој треба според Етичкиот кодекс да одлучи која е мерката што ќе ја изрече“,
рече Грковска.

Инаку, Груби беше прозиван поради користење на службените простории во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за партиски активности.
„Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“ е насловот на документот од септември 2020 година во чиј член 19 користењето на службени возила е ограничено само за службени потреби и потенцирано е дека не смеат да се користат за приватни или партиски цели.
Според Грковска, треба да се најде законско решение со кое санкциите од Етичкиот кодекс ќе се врзат со некакви законски норми.
„Ние почнавме да работиме на такво решение, со кое ќе ги врземе санкциите од Етичкиот кодекс со некакви законски норми врз основа на кои би можело да има некакви други санкции, прекршочни или од друг карактер, за да не бидеме доведени во ситуација само да опоменуваме, особено кога за некого и опомените не се доволни“,
рече Грковска.
На прашањето дали според неа е недомаќинско работење огласот на Владата за изнајмување 45 возила на лизинг, иако со таа рата возилата би можеле да се купат, вицепремирката рече дека според заклучокот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) процедурата во конкретниот случај е законска. Во овој контекст таа додаде дека и економските експерти со кои се консултирала сметале дека станува збор за најдобриот и најефикасен начин.
„Од претходниот состава на Државната комисија за спречување на корупцијата имаше многу реакции, меѓутоа откако го добивме целиот предмет кај нас заклучокот на тогашната Комисија за спречување на корупција беше дека целата процедура е согласно закон и нас тоа едноставно не не става во ситуација да можеме да покренеме било каква процедура понатаму. Колегите од економскиот тим кои нели се експерти и имаат повеќе познавања од оваа област уверуваат дека тоа е најдобриот, најефикасниот начин на којшто треба да се ангажираат овие возила. Јас сум се консултирала и со одредени субјекти од стопанските комори кои уверуваат дека тоа е така и во други држави“,
рече Грковска.