Манифестот е повик во предизборието за генерални политики за подобра иднина на студентите, подобрено високо образование и подигнување ја јавната свест за проблемите со кои се соочуваат студентите. Трите клучни цели на кои се однесува документот се бесплатно високо образование, интернационализација и дигитализација
Претставници на подмладоците на шест парламентарни политички партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП, ДОМ, Левица и Демократско движење – денеска го потпишаа Студентскиот манифест кој Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје го претстави минатата недела.
Манифестот е повик во предизборието за генерални политики за подобра иднина на студентите, подобрено високо образование и подигнување ја јавната свест за проблемите со кои се соочуваат студентите. Трите клучни цели на кои се однесува документот се бесплатно високо образование, интернационализација и дигитализација.

Лидерот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Александар Николовски, кажа оти од партиите очекува да го поддржат овој манифест, кој ја претставува нивната визија за реформирано високо образование, и дека оние што ќе ја освојат власта по изборите ќе работат на позитивни промени во образованието.
„Ве повикавме затоа што сметаме дека со соработка и заеднички труд, кој и да дојде утре на власт, доколку ова го потпишеме и се залагаме заедно да работиме – ние активно, и вие активно, дека ќе може да направиме позитивна промена со што ќе ги задржиме младите тука и ќе ги мотивираме да го подобруваат општеството“,
рече Николовски.

Овој документ, како што посочи Николовски, е продолжение на првата декларација за подобар студентски стандард која во 2020 беше потпишана во паркот пред МОН од тогашните претставници на политичките партии.
„Овој Студентски манифест се однесува на продолжување на тие мерки, на оние кои, за жал, не се исполнети од Владата, за кои се надеваме дека ќе се бориме да се остварат, многу поактивно за разлика од другите студентски собранија. Но и нови мерки за кои сметаме дека е време да почнат како поголеми процеси за реформи во високото образование, како што е бесплатното високо образование, пракса што се применува во повеќето земји на Балканот, интернационализација – за да привлечеме странски студенти кои ќе останат тука да работат и ќе може да ја развијат нашата економија, и целосна дигитализација во високото образование“,
истакна Николовски.
Покрај трите клучни цели на манифестот, она за коешто ќе се залагаат се и квалитет наспроти квантитет поради, како што рече Николовски, огромниот број студентски програми, големиот број универзитети и факултети, и поголема автономија на високообразовните установи при вработување кадар и во управувањето со финансиите.
Инаку, Студентскиот манифест на УСС при УКИМ е поддржан од студентските собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, „Мајка Тереза“ – Скопје, „Св. Апостол Павле“ – Охрид и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово.