Битиќи ги повика од Комисијата за заштита на конкурентноста, до кои веќе има поднесено претставка, да ја забрзаат работата и, како што рече, да излезат во пресрет ако има негативни појави во општеството, како што е организиран начин на зголемување на цените

Само со изгласување на законот за нефер трговски практики може институционално да го решиме проблемот со зголемувањето на цените на производите што не се пазарни. Затоа апелирам до пратениците да го изгласаат законот што веќе некое време е во собраниска процедура, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот додава дека Државниот пазарен инспекторат секојдневно е на терен и во првиот момент кога ќе стигне извештајот за тоа дали и кои производи имаат зголемени цени вели дека соодветно ќе се укаже и во јавноста особено ако тоа се прави на организиран начин.
Битиќи ги повика од Комисијата за заштита на конкурентноста, до кои веќе има поднесено претставка, да ја забрзаат работата и, како што рече, да излезат во пресрет ако има негативни појави во општеството, како што е организиран начин на зголемување на цените.
„Сметам дека и искуствата во другите земји и во регионот и во ЕУ укажуваат дека Комисијата е доста поагилна и не оставаат простор да на организиран начин се зголемуваат цените надвор од тоа што е логично зголемување“,
рече Битиќи одговарајќи на новинарски прашања по настанот за Индустрискиот ден на НАТО.
Тој додава дека мерката „гарантирана цена“ е укината затоа што не се совпаѓала со принципите на пазарната економија. Битиќи укажа и дека во општеството никогаш не може да се најде консензус што е исправно.
„Кога ја донесовме мерката бевме критикувани затоа што носиме мерка што е спротивна на принципите на пазарна економија. Сега кога се укина слушаме од истите дека требало да се задржи. Јас искрено сметам дека треба само да се заврши работата, а тоа законот за нефер трговски практики кој е одличен, усогласен со ЕУ директивите кои неодамна биле усвоени и е во собраниска процедура веќе неколку месеци. Сметам дека тоа е решението. Ние мораме преку нормални чекори, тоа се законските основи, да ги решаваме проблемите. Ајде да се научиме дека во општеството едноставно треба проблемите да ги решаваме на одржлив начин, а тоа е носење на закон и негово соодветно спроведување“,
додаде Битиќи.
Во однос на тоа колку симнувањето на „гарантирана цена“ ќе влијае на инфлацијата, Битиќи вели досега го следеле она што се случува на глобалните пазари каде, како што рече, сите суровини на берзите се намалени.
„Тоа значи дека реално нема потреба од зголемување на цените ниту на готовите производи ниту на тие што се произведуваат во земјата. Затоа укажав дека евентуалното зголемување кога има намалени цени на суровините сметам дека е неадекватно“,
рече Битиќи додавајќи дека има искуство во бизнис секторот и знае како се поставуваат цените.
Битиќи додава дека во овој момент анализите укажуваат дека не би требало да има зголемување на цени кои би влијаеле негативно на сите „насоки и напори што ги правиме за да се намали инфлацијата“.
„А, ако спротивното се направи соодветно ќе реагираме, но затоа барам на поголем општествен консензус затоа што консензусот се наоѓа таму каде што законот лежи, а тоа е во Собранието“,
рече тој.
Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во второ читање е ставен на дневен ред на денешната 75. седница на Комисијата за европски прашања.
Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи треба да помине и на собраниската Законодавно-правната комисија, за потоа пратениците да расправаат за него на пленарна седница.
Со донесувањето на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Со предлог-законот, како што се посочува во образложението, се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.
„За таа цел, Комисијата е должна сите нејзини акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог-законот, во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Предлог на Законот има за цел да ја регулира постапката за изведување докази и прекршочната постапка, да утврди висината на глобата за сторен прекршок и решенијата кои Комисијата ги донесува, за одлучување по прекршок“,
се вели во образложението на Предлог-законот.
Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
Голем број прехранбени производи со ознаката „гарантирана цена“ од 20 септември лани се продаваа во маркетите по цена за 10 отсто пониска од износот на 1 август 2023 година, согласно одлуката на Министерството за економија, чија важност заврши на 1 март.