И Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека на денешната владина седница е донесена одлука со која вработените на УКИМ од месецов ќе ги добиваат покачените плати согласно колективниот договор што требаше да стапи во сила од јануари годинава
Над 3 000 вработени на најстариот државен универзитет во земјава „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје од месецов ќе добиваат за околу 22 отсто повисоки плати согласно поединечниот колективен договор склучен меѓу УКИМ и Собранието во декември 2022 година.

Одредбите од договорот, односно исплатата на покачените плати на вработените на Универзитетот требаше да стапи во сила од јануари годинава, но Сојузот на синдикати при УКИМ неодамна алармираше дека договорот не е испочитуван и дека државата не обезбедила пари во Буџетот за оваа намена.
Денеска во писмен допис до медиумите и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека на денешната владина седница е донесена одлука со која вработените на Универзитетот од месецов ќе ги добиваат покачените плати согласно колективниот договор. Ретроактивно ќе им биде исплатена и разликата за јануари.
„Дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од месец март, кога е предвидено и зголемување на минималната плата во државата“,
информираат од Министерството за образование и наука.
Во соопштението на МТСП – ресор со кој во техничката влада раководи Ѓоко Велковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува дека одлуката за примена на договорот со вработените при УКИМ била заглавена во Министерството за труд и социјална политика, а оти со доаѓање на новиот министер се започнало со решавање на проблемот.
„На ова претходеше средба со ректорот на УКИМ, Биљана Ангелова, и нејзиниот тим и со претставници на Синдикатот, при што се најде решение за признавање на поединечниот колективен договор на УКИМ, а со тоа и зголемување на нивните плати. Повикани беа и ресорните министерства за образование и наука и за финансии да изнајдат брзо решение за признавање на колективниот договор. Зошто досега не било најдено решение во Министерството од претходниците за овој проблем останува енигма“,
велат од Министерството за труд и социјална политика.
Колективниот договор склучен меѓу УКИМ и Собранието предвидува значително покачување на платите на наставниот и ненеаставниот кадар, што е во согласност со заложбите и барањата на Синдикатот на УКИМ.