„Го поздравувам гласањето на унгарскиот парламент за ратификување на членството на Шведска во НАТО. Сега кога сите сојузници го одобрија, Шведска ќе стане 32-риот сојузник во НАТО. Членството на Шведска ќе не направи сите посилни и побезбедни“, напиша генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенбрег на платформата „Икс“
Со 188 гласа „за“ и шест „против“ унгарскиот парламент денеска ја ратификуваше кандидатурата на Шведска за членство во Северноатлантската алијанса – НАТО, објави новинската агенција „Асошиејтед прес“.

Со денешното гласање, наведува агенцијата, е ставен крај на 18-месечното натегање меѓу Унгарија и сојузниците од Алијансата, во нивните обиди да ја убедат владата на Виктор Орбан да ја прекине блокадата за членство на Шведска во НАТО.
Шведска, која традиционално беше воено неутрална, заедно со Финска, побараа да станат членки на НАТО по руската инвазија на Украина пред две години.
Владата на премиерот Виктор Орбан ги достави до унгарскиот парламент протоколите за одобрување на влезот на Шведска во НАТО во јули 2022 година, но работата заглави во поради противењето на претставниците на владејачката партија.
Приемот на нови земји бара едногласна поддршка од сите членки на НАТО, а Унгарија е последната од 31 членка на алијансата која ја даде својата поддршка, откако Турција го ратификуваше барањето минатиот месец.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон денешниот ден го нарече „историски“.
„Подготвени сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста за безбедноста на НАТО“,
напиша Кристерсон на социјалната платформа „Икс“.
Today is a historic day. The parliaments of all NATO member states have now voted in favour of Swedish accession to NATO. Sweden stands ready to shoulder its responsibility for Euro-Atlantic security.
— SwedishPM (@SwedishPM) February 26, 2024
Гласањето во унгарскиот Парламент за влез на Шведска во НАТО го поздрави и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, кој напиша дека членството на скандинавската земја ќе „не направи сите посилни и побезбедни“.
„Го поздравувам гласањето на унгарскиот парламент за ратификување на членството на Шведска во НАТО. Сега кога сите сојузници го одобрија, Шведска ќе стане 32-риот сојузник во НАТО. Членството на Шведска ќе не направи сите посилни и побезбедни“,
рече Столтенберг на платформата „Икс“.
I welcome the Hungarian parliament’s vote to ratify #Sweden’s membership in NATO. Now that all Allies have approved, Sweden will become the 32nd #NATO Ally. Sweden’s membership will make us all stronger and safer.
— Jens Stoltenberg (@jensstoltenberg) February 26, 2024
Американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман на излегување од унгарскиот парламент изјави дека приемот на Шведска во НАТО ќе ја подобри безбедноста на САД и безбедноста на Алијансата во целина. Тој посочи дека ратификацијата е од стратешко значење и за Унгарија.
Дека „воената соработка меѓу Шведска и Унгарија и приемот на Шведска во НАТО ја зајакнува безбедноста на Унгарија“, денеска изјави и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Инаку, тој изминативе месеци ја критикуваше Европската Унија и сојузнизите во НАТО за зголемен притисок врз неговата влада во врска со ова прашање.

Гласањето во унгарскиот Парламент, како што пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, доаѓа откако минатиот викенд, двопартиска група американски сенатори ја посети Унгарија и најави дека ќе поднесат заедничка резолуција до Конгресот со која ќе го осудат наводното унгарско назадување на демократијата и ќе ја повикаат владата на Орбан веднаш да ја укине блокадата на трансатлантската интеграција на Шведска.
Сепак, во петокот, минатата недела, шведскиот премиер Улф Кристерсон и неговиот унгарски колега се сретнаа во Будимпешта и, според исходот, се чини дека постигнале решение по неколкумесечните дипломатски тензии.
По средбата, лидерите најавија склучување договор за одбранбената индустрија, кој ќе вклучува купување на четири авиони ЈАС 39 Грипен (JAS 39 Gripen) од шведско производство од страна на Унгарија и продолжување на договорот за услуги за постојната флота Грипен.
Гласањето за прием на Шведска во НАТО денеска не беше единствена точка на агендата на пратениците во унгарскиот парламент.

Се гласаше и за прифаќање на оставката на претседателката Каталин Новак, која поднесе оставка на почетокот на овој месец по скандалот околу нејзината одлука да помилува човек осуден за прикривање на серија сексуални злоставувања на деца.
По прифаќањето на оставката на Новак, претставниците треба да го потврдат Тамаш Суљок, претседателот на Уставниот суд на Унгарија, за нов претседател на државата.
Тој официјално треба да ја преземе функцијата на 5 март.
Дел од опозициските партии соопштија дека нема да гласаат за новиот претсадател и повикаа на директни претседателски избори.
Сепка, Суљок е номиниран од партијата Фидес на Орбан, која има двотретинско мнозинство во парламентот и се очекува лесно да го одобри неговото претседателствување.
Инаку, за официјализирање на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО потребен е потпис на претседателот на земјата, што се очекува во следните неколку дена.