„Улогата на Венецијанската комисија е да обезбеди правно мислење за нејзините земји членки и особено да им помогне на државите кои сакаат да ги усогласат законите со европските стандарди и меѓународното искуство во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото“, се наведува во соопштението од Министерството за правда
Владата на предлог на министерот за правда Кренар Лога ги именуваше професорката Рената Дескоска за член, а професорот Јетон Шасивари за заменик-член на Венецијанската комисија.

За именувањето на двајцата универзитетски професори денеска попладне, преку соопштение, информираа од Министерството за правда, а ресорниот министер им посака успешна работа во Венецијанската комисија.
Венецијанската комисија е орган на Советот на Европа и е составена од независни експерти кои се признати и познати по нивното искуство во демократските институции и по нивниот придонес во уставното право и политичкиот систем, со задача да дава правни совети во форма на правни мислења на нацрт-закони или закони кои се веќе донесени во одредени земји.
„Улогата на Венецијанската комсија е да обезбеди правно мислење за нејзините земји членки и особено да им помогне на државите кои сакаат да ги усогласат законите со европските стандарди и меѓународното искуство во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото“,
се наведува во соопштението од Правда.
Професорката Дескоска во декември минатата година беше избрана за потпретседателка на Поткомисијата за судство на Венецијанската комисија. Изборот се случи на 137. Сесија на Венецијанската комисија што се одржа од 14 до 16 декември 2023 година.
За претседател на Поткомисијата беше избран проф. д-р Никос Аливизатос, професор по уставно право на Универзитетот во Атина и поранешен министер за внатрешни работи на Грција.
За изборот за потпретседателка на Поткомисијата за судство на Венецијанската комисија, Дескоска, која е поранешна министерка за правда, тогаш информира преку објава на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Членови на Венецијанската комисија се главно професори по уставно право со претходно искуство како министри, премиери или судии на уставни судови, како, на пример, Филип Димитров, поранешен премиер на Бугарија, Марта Картабиа, поранешна министерка за правда на Италија, Хана Сухотска, поранешна премиерка и министерка за правда на Полска, Jасна Омејец, поранешна претседателка на Уставниот суд на Хрватска, Клер Бејзи Маларуи, поранешна членка на Уставниот совет на Франција, Андрас Варга, поранешен судија на Уставниот суд на Унгарија, Дан Меридор, поранешен министер за правда на Израел, Срѓан Дрмановиќ, поранешен министер за надворешни работи на Црна Гора.
