Уставниот суд на денешната седница одлучи привремено да го запре извршувањето на три уредби кои ги донесе Владата во вонредната состојбата.
Станува збор за уредбата со која сите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници, но и судии и обвинители, се ставаат на минимална плата од 14 5000 денари за месеците април и мај, понатаму уредбата со која се забранува исплата на додатоци и надоместоци на плата во јавниот сектор во време на вонредна состојба, како и уредбата со која се предвидува исплата на заостанатите плати на службениците во СЈО.
Решенијата на Уставен се „за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на уредбите чија уставност и законитост ја оценува“, што значи дека времено ги запира додека да се произнесе дали тие се уставни или не.
Ставањето на минималец на судиите и на обвинителите изминатиот период наиде на негодувања од страна на судската и обвинителската фела, а двете здруженија реагираа и со писма до Владата.
Судското здружение бараше да се укине делот кој се однесува на судиите и тие на доброволна основа преку Судскиот совет и Судскиот буџетски совет да одвојат дел од своите плати. Токму Здружението на судии ја најави и иницијативата за отворање постапка пред Уставен.
Здружението на јавни обвинители, пак, во писмото се согласи дека треба да бидат скратени платите на обвинителите, но не до ниво на минималец.
*Поврзани вести:
Владата ги стави и судиите и обвинителите на минималец
Здружението на обвинители до Дескоска: Треба да ни се намалат платите, но не на минималец