„Ако Јавното обвинителство покрене обвинение, а судот го прифати, тогаш судот може да донесе привремени мерки за обезбедување и тие се две: забрана за вршење јавна функција, вклучително и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки. Меѓутоа тие одлуки ги носи судот“, рече Османи
Тој потврди дека Министерството за правда имало негативно мислење, но тоа, како што рече, било за првичното решение. Од Министерството за правда велеа дека мора да има судска одлука, а не може само на јавнообвинителски акт или само на одлука на Влада да се носат мерки. Затоа, додаде Османи, се направија дополнителни измени за тие мерки да ги носи судот, согласно Законот за кривична постапка и сега мислам дека сме во рамки на Уставот и законите

Министерот за надворешни работи Бујар Османи очекува дека на владината седница во вторник ќе биде одобрен текстот на Законот за рестриктивни мерки.
Според Османи, повлекувањето на Законот за рестриктивни мерки од собраниска процедура не е политичко, туку, како што вели тој, административно прашање бидејќи беше условно донесен.
„Законот за рестриктивни мерки е во надлежност на Министерството за надворешни работи и јас имав можност да презентирам во јавноста одредени погледи како сметаме дека треба да се направат измените. На Влада дополнително се усогласи со законодавство, со министерства и тој беше одобрен од страна на Владата, условно, со цел да се направат дополнителни усогласувања во меѓувреме со Министерството за правда и законодавство коишто во рамки на работна група и се случија. Сега, бидејќи во меѓувреме има нова Влада, потребно е таа да го потврди текстот на Законот. Така да нема одредено политичко повлекување на Законот, туку напротив, административно бидејќи беше условно донесен“,
рече Османи во вечерашното гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.
Османи, објаснувајќи ги измените кои се додаваат во Законот, рече дека уште во членот 1 е предвидено оти тој треба да обезбеди меѓународен мир, безбедност, демократија, владеење на право. Она што се додава во Законот, рече Османи, е дека се однесува и на борбата против корупцијата, злоупотреба на службената положба, хибридните закани.
„Во сегашното законско решение, како основ за воведување рестриктивни мерки од страна на нашата држава, се три основи. Тоа се задолжителни резолуции на Советот за безбедност на Обединети нации, правни акти на Европската Унија и билатерални акти на други држави, но само за тероризам и профилерација. Сега додаваме дека за овие цели, меѓународен мир, безбедност, демократија, владеење на право, борбата против корупцијата, злоупотреба на службената положба, како основа за донесување на рестриктивни мерки ги земаме и правните акти на САД и на Обединетото Кралство“,
додаде Османи.
Во актуелното решение, вели тој, како видови на рестриктивни мерки се ембарго на оружје, забрана за влез, финансиски мерки, а сега, како што рече, додаваме покренување кривична постапка и преземање мерки за обезбедување.
„Кога ќе има ваков правен акт, дали од ЕУ, Совет за безбедност, сега од САД и Обединето Кралство, Министерството за надворешни работи, Министерство за внатрешни работи, Јавно обвинителство, предлагаат до Владата да донесе одлука и за наши рестриктивни мерки. Ако е за корупција, злоупотреба на службена должност, органот што предлага е должен да ги однесе сите факти што ги има собрано од изворот на рестрикцијата до Јавното обвинителство, кое е должно да отвори кривична постапка и ако покрене обвинение, а судот го прифати, тогаш судот може да донесе привремени мерки за обезбедување и тие се две: забрана за вршење јавна функција, вклучително и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки. Доколку е правно лице, нема да може да учествува на тендери, јавни набавки, јавно-приватно партнерство, концесии. Меѓутоа тие одлуки ги носи судот“,
рече Османи.
Тој потврди дека Министерството за правда имало негативно мислење, но тоа, како што рече, било за првичното решение. Од Министерството за правда велеа дека мора да има судска одлука, а не може само на јавнообвинителски акт или само на одлука на Влада да се носат мерки. Затоа, додаде Османи, се направија дополнителни измени за тие мерки да ги носи судот, согласно Законот за кривична постапка и сега мислам дека сме во рамки на Уставот и законите.
На прашањето што со лицата кои веќе се на „црната листа“ бидејќи законот не може да важи ретроактивно, Османи не даде конкретен одговор.
„Има различни категории на такви санкции, од политички, економски карактер, а и различни институции ги воведуваат. Дел ги воведува Стејт департментот и таму мерката е забрана за влез во САД, тие што ги носи Министерството за финансии на САД или трезорот имаат друг карактер. Тоа што овој закон предвидува е државата да преземе мерки“,
одговори Османи.
Тој додаде дека овие мерки се привремени бидејќи траат сѐ до правосилната судска одлука.
„Ако правосилната судска одлука е ослободителна, прекинува и одлуката на Влада за рестриктивни мерки. Доколку е позитивна, тогаш следува преземање на мерки согласно останатите закони“,
рече Османи.
Од Владата вчера информираа дека предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура поради административни причини. Тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.
Денеска од Министерството за правда информираа дека министерот Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки, со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение.
Од Правда велат дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија.
Министерството за правда смета дека воведувањето рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто.
На 221. владина седница одржана на 16 јануари, Владата едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.
Тогаш била донесена и одлука Министерството за надворешни работи како предлагач да го усогласи текстот на предлогот на законот со кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за законодавство и другите надлежни институции.
Со предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки треба да се овозможи субјектите од „црната листа“ на САД да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.