Делата за кои се осомничени двајцата ексдиректори, според доказите што ги прибрало Обвинителството во текот на предистражната постапка, ги сториле во периодот од 2017 до 2022 година. Тогаш, како што информира обвинителката Гоговска-Јакимовска, осомничените директори набавувале лекови на реверс, без согласност на Фондот за здравствено осигурување и без спроведена постапка за јавна набавка. На тој начин се создавал вишок на лекови за кои не се водела евиденција. Дополнително, на пациенти им била пропишувана вишок терапија, а како што беше кажано на брифингот, скапа терапија од најновата генерација им била пропишувана на пациенти еден ден пред да починат
По пет месеци предистрага, случајот „Онкологија” од денеска преминува во повисока фаза – истражна постапка – по вчерашното приведување осомничени.
Осомничени во случајот, како што информираа на денешниот брифинг со новинарите шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски и обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска, се вкупно пет лица.

Станува збор за ексмедицинскиот и поранешниот организациски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, како и тројца лекари онколози.
Иако не беа споменати имиња, според периодот кога бил медицински директор и кога се сторени делата што му се ставаат на товар, првоосомничен е медицинскиот ексдиректор на Онкологија, Нино Васев.
Тој, според информациите на Обвинителството, се товари за седум кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и едно кривично дело измама во службата. Организацискиот директор, исто така, е осомничен за измама во службата.
И тројцата лекари се осомничени за истото дело дело, но за помагање. Од ОЈО Скопје до Основниот кривичен суд е доставен предлог на ексмедицинскиот и ексорганозацискиот директор да им бидат определени мерки на претпазливост, со кои се бара да им бидат одземени пасошите и да им се забрани напуштање на живеалиштето, а ексмедицинскиот директор оддалечување од работното место.
За тројцата доктори онколози Обвинителството не побарало никакви мерки за обезбедување на присуство бидејќи тие се осомничени за помагање.
Делата за кои се осомничени двајцата ексдиректори, според доказите што ги прибрало Обвинителството во текот на предистражната постапка, ги сториле во периодот од 2017 до 2022 година.
Тогаш, како што информираше обвинителката Гоговска-Јакимовска, осомничените директори набавувале лекови на реверс, без согласност на Фондот за здравствено осигурување и без спроведена постапка за јавна набавка. На тој начин се создавал вишок лекови за кои не се водела евиденција.
На пациенти, спротивно на протоколите на лекување, била пропишувана терапија со недоследности во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата, односно на нивно име биле издавани вишок лекови. Дополнително, како што беше кажано на брифингот, скапа терапија од најновата генерација им била пропишувана на пациенти еден ден пред да починат.
Дејствијата што беа преземени на Клиниката за радиотерапија и онкологија вчера беа во фокусот на јавноста.
По објавата во дел од медиумите дека е приведен ексдиректорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Нино Васев, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија потврдија дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител и оти сите други информации се неофицијални.
Организацискиот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Халид Матоши вчера во изјава за медиумите потврди дека од Клиниката се приведени три лица, меѓу кои и поранешниот директор Нино Васев. Од другите двајца, Матоши вели дека едното е медицинско лице од Онкологија.
Обвинителството од досегашната истрага утврдило дека е сторена имотна корист за друг во износ од 1 817 520 000 или близу 30 милиони евра.