Од Врховниот суд нагласуваат дека се одлучувало по тужба од државата и дека во предметот не била ангажирана претседателката на судот
Врховниот суд денеска ја објави пресудата по туженото барање од државата за враќање на Работничкиот дом во нејзина сопственост.
Објавувањето на пресудата следува откако денеска од Сојузот на синдикати на Македонија на вонредна прес-конференција соопштија дека според неофицијалните информации што ги има ССМ, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија.
Од Врховниот суд нагласуваат дека се одлучувало по тужба од државата, а дека во предметот не била ангажирана претседателката на судот не учествувала во одлучувањето по предметите ниту, пак, има надлежност и овластување да влијае во донесувањето на одлуките.
Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.
„Предметниот објект – административна зграда и земјиште се сопственост на тужителот, согласно одредба од член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации бидејќи правниот претходник на тужениот, истите ги изградил и стекнал во поголем дел со средствата добиени од тужителот како правен следбеник на тогашната НР Македонија, а не со сопствени средства, со оглед дека истите во периодот на изградба на објектот, со својот правен субјективитет немал ниту можел да има сопствени средства“,
се наведува во образложението од Врховен суд.
Во периодот кога е изградена предметната недвижност, додаваат оттаму, правниот претходник на тужениот бил општествено-политичка организација, која не извршувала стопанска дејност поради што немала и не можела да има сопствени приходи за стекнување имот.
„Согласно член 1 од Одлуката за определување објекти и работи чии инвестициони програми ќе ги одобрува Одборот за стопанство на извршниот совет (’Службен весник на НРМ’ број 23/58), инвестиционите програми за објектите и работите што се од општ интерес за НРМ ќе ги одобрува Одборот за стопанство на Извршниот совет, а според член 2, како објекти од општ интерес во смисла на одредбите од претходниот член, се сметаат покрај другите и објектите од општествен стандард, чија вкупна вредност го надминува износот од 100 милиони динари, без оглед на изворите на средствата, освен објектите од станбена зграда, поради што неспорно произлегува дека предметната недвижност е ствар – добро од општ интерес за Републиката“,
се додава во соопштението.
Од пресудата се наведува и дека судот го задолжи тужениот во рок од осум дена да му ги надомести на тужителот трошоците на постапката во вкупен износ од 376 920 денари.