„Најголем дел, односно 708 случаи, се пријави за психичко насилство за разлика од претходно, кога најчест вид насилство беше физичкото насилство“, изјави денеска министерката за труд и социјална политика. Говорејќи во насока на прашањето, таа посочи дека психичкото насилство, за разлика од физичкото, многу тешко се докажува бидејќи нема видливи траги, а како последица ги има опаѓањето на менталното и на психичкото здравје на граѓаните
Ако претходните години најчеста форма на семејно насилство која била пријавувана било физичкото, минатата година, според податоците од јануари до септември, тоа било психичкото насилство, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Иако допрва треба да се комплетираат податоците за останатите четири месеци, според она што досега располагаат во Министерството за труд и социјална политика, а кое ресорната министерка денеска го сподели со новинарите, од јануари до септември лани пријавени се 1 166 случаи на семејно насилство, од кои 708 се поврзани со психичкото насилство.
„Од јануари до септември 2023 година имавме вкупно 1166 случаи на семејно насилство. Сега ги прибираме за цела година, од септември до декември. Наскоро ќе ги објавиме податоците за цела 2023 година. Да, најголем дел, 708 случаи, се пријави за психичко насилство за разлика од претходно, кога најчест вид насилство беше физичкото насилство“,
изјави Тренчевска по денешниот брифинг со новинарите.
Говорејќи во насока на прашањето, таа посочи дека психичкото насилство, за разлика од физичкото, многу тешко се докажува бидејќи нема видливи траги, а како последица ги има опаѓањето на менталното и на психичкото здравје на граѓаните.
Како што информира министерката, најголем број од жртвите на психичко насилство се жените.
„Тука е психичкото вознемирување, постојано префрлување на партнерката, во случај дали е партнерка, сопруга, имаме случаи од деца на родители, и сето тоа остава длабока трага на психата на една личност и многу е тешко за препознавање. Жртви на насилство се деца и повозрасни граѓани, но најголем процент и понатаму се токму жените“,
рече Тренчевска.

Инаку, еден од последните случаи на семејно насилство, кој ја потресе јавноста, беше оној во Кичево, каде што 30-годишен жител на градот кон средината на декември, минатата година ѝ нанел тешки повреди на својата двегодишна ќерка, од кои малото девојче на 8 јануари почина во Клиничкиот центар во Скопје.
Изнесувајќи детали за настанот, од Обвинителството посочија дека осомничениот на 18 декември минатата година со раце и нозе ѝ нанел повеќе удари на ќерката предизвикувајќи ѝ тешки телесни повреди. Девојчето се здобило со скршеница на коска на черепот, мозочно крвавење и скршеници на две ребра.
Во врска со случајот се огласија и од Министерството за здравство, од каде преку писмено соопштение информираа дека девојчето на 19 декември во коматозна состојба било примено на Ургентниот центар во Кичево. Детето било донесено во кичевската болница од страна на својата мајка.
„И покрај сите заложби на лекарите, за жал, двегодишната пациентка подлегна на тешките телесни повреди на 08.01.2024 година. Здравствените институции каде што беше примена и третирана пациентката, целосната документација за хоспитализацијата и третманот, ја предадоа на надлежните истражни органи“,
информираа од Министерството за здравство, минатиот четврток.
Триесетгодишниот кичевец Обвинителството го осомнични за убиство на сопствената ќерка при вршење семејно насилство. Нему му е одреден 30-дневен притвор и, како што информираа во петокот од охридската полиција, тој е спроведен во казнено-поправната установа Затвор „Битола“ на издржување на мерката.
