Дополнително, од МВР соопштија дека во наредниот период полициски службеници континуирано ќе ја обезбедуваат зградата на Македонската навигација. Вакво барање претходно упати и претседателот на Синдикатот на контролорите, Александар Тасевски
Четири лица поврзани со упадот во Македонската навигација и со нападот на дел од вработените во моментов се во полициска станица, информираат доцна вечерва од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Со нив се вршат службени разговори, по што во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,
велат од МВР.
Освен овие четворица, полицијата трага по уште четири лица поврзани со инцидентот.
Дополнително, од МВР соопштија дека во наредниот период полициски службеници континуирано ќе ја обезбедуваат зградата на Македонската навигација.
Вакво барање претходно вечерва во интервју за ТВ Сител упати и претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски. Тој побара од МВР целосно расчистување на денешниот инцидент во М-НАВ, но и обезбедување и заштита на објектот на Македонската навигација кој, како што рече, е од витален карактер.
Засега не се знае точниот број на лица кои денеска упаднаа во зградата на М-НАВ. Според првиот синдикалец Тасевски, се работи за неколку лица кои со две до четири возила биле пуштени во кругот на објектот од страна на обезбедувањето на самата институција, а потоа влегле и во работните простории.
Според ТВ Алсат, едно од лицата кои влегоа во објектот на М-НАВ е претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири. Незири, своевремено, беше член на Управниот одбор на Македонската навигација, како и министер за економија. Според сознанија на „360 степени”, Беким Незири сè уште е вработен во М-НАВ.