Секако, во поширока смисла, Договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се ставени во Преговарачката рамка како дел од добрососедските односи, така што ние ниту сме кажале дека тоа нема да се почитува ниту сме кажале дека некој од нашите договори со соседите нема да се почитуваат. И тоа ќе биде како прашање до крајот на преговорите, вели вицепремиерот за европски прашања

Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени и тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет. Таму се вели дека штом се направат уставните измени веднаш, без никакво натамошно одлагање и без нова политичка одлука, што е многу важно, ќе има втора меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер. Секоја друга изјава ја гледам само како политички став. Вака вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја коментира изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел која, како што пренесува БТА, изјавила дека Бугарија нема билатерален проблем со Северна Македонија во однос на интеграцијата во ЕУ и оти услов за продолжување на европскиот пат на Скопје не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.
„Изјави имало порано ќе има и понатаму, но нам ни е битно што пишува во заклучоците на Европскиот совет. Секако во поширока смисла договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се ставени во преговарачката рамка како дел од добрососедските односи така што ние ниту сме кажале дека тоа нема да се почитува ниту сме кажале дека некој од нашите договори со соседите нема да се почитува. И тоа ќе биде како прашање до крајот на преговорите. Протоколите што се потпишани се спроведуваат и треба да се спроведуваат. Но, тоа не е услов за отворање на првиот кластер. Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени и тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет“,
рече Маричиќ денеска одговарајќи на новинарски прашања по панел-дискусијата „Геополитичко проширување на ЕУ: Нови можности, стари ризици?“.
Околу можноста Албанија сама да го продолжи патот, Маричиќ вели дека за секоја држава дали ќе оди понатаму зависи од консензусот што ќе го постигнат сите земји членки на Европската Унија.
„Доколку за Албанија се постигне консензус сигурно дека ќе продолжи понатаму како што продолжиле Србија и Црна Гора во минатото. Ние сметаме дека за секоја држава во регионот што ќе оди чекор напред тоа е добра вест и за нас. Лоша вест е што ние нема да одиме. Во овој момент нема согласност од сите 27 држави за Албанија. Ние веруваме дека е најдобро да одиме заедно, бидејќи заедно го завршивме скринингот, но доколку Албанија продолжи само ќе честитаме и тоа ќе го поздравиме. Ние треба да се бориме да го задржиме тоа темпо, да не заостанеме затоа што секое заостанување не чини многу нас како држава. Ние треба да ги гледаме нашите обврски и да работиме за ние да одиме напред“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот, прашан зошто сè уште не е формирана преговарачката група, рече дека тоа ќе се случи непосредно пред почетокот на отворањето на првиот кластер.
„Имаме веќе поголем дел од имињата, дел од тие експерти се ангажирани преку различни проекти на анализи на извештаите од скринингот. Ќе ги официјализираме кога за тоа ќе се создадат услови, а сметам дека е најдобро пред отворањето на првиот кластер кога веднаш ќе ги ставиме во функција“,
рече Маричиќ.
Според него, корупцијата и владеењето на правото се работи кои се решливи во еден период од четири-пет години за сликата целосно да се смени.
„Ние пред седум години бевме заробена држава и тоа е верификувано во извештаите на Европската комисија. Денеска со сите тие проблеми и во областа на владеење на правото сме сосема во различен контекст. За пет години, за седум години можеме да бидеме многу подобри од тоа што сме денеска доколку работиме на тоа. Затоа нашите институции треба да ги зајакнеме и да ги ставиме во функција на имплементација на законите кои веќе ги имаме, таму каде што има потреба да ги подобриме законите. Се е тоа изводливо во еден период од четири – пет години на активни преговори со ЕУ. Најважно е да се фокусираме на задачите, шанса имаме треба да ја искористиме“,
додаде Маричиќ.
Во однос на однесувањето на Унгарија за Украина, Маричиќ кажа дека ако премиерот Орбан останел во салата и гласал против, тогаш одлуката немала да помине. Тој нагласува дека ова е добра одлука за Украина, но дека се знае точно како се носат одлуките во ЕУ, додавајќи дека во нашиот случај имало држави членки кои останале и се изјасниле против.
„Тоа вака симпатично звучи меѓутоа знаеме како се носат одлуките во ЕУ. Она што е важно е дека напуштањето на некоја начин од страна на унгарскиот премиер подразбира и еден вид на согласност бидејќи доколку Унгарија останела внатре во салата и гласал премиерот Орбан против, одлуката немало да помине. Ние сме го виделе тоа повеќе пати. Јас сум сигурен дека ова е некое компромисно решение коешто придонело околу целата ситуација за Украина и добро е што се донесе таа одлука. Ние не треба да се потпираме на вакви ситуации, треба да сме свесни дека во нашиот случај сме имале држави членки коишто останале и се изјасниле против. Тоа е суштинската разлика. Ако немате држава членка која останала и се изјаснила против тогаш одлуката може да помине“,
додаде Маричиќ.