Министерот рече и дека поради парламентарните избори што вчера се одржаа во Србија изминатиот период имало забавена динамиката на средби и комуникација помеѓу двете страни, но додаде дека во скоро време работните групи од двете земји ќе ја имаат првата работна средба

Плановите и анализите за изградба на брзата пруга од Скопје до граничниот премин „Табановце“ се направени. Сега ќе се започне со работа на студијата за таа железничка пруга, како и на проектирање на основниот проект, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Бочварски вели дека се работи на сите процедури за таа да биде реализирана согласно план и реализацијата на таа пруга да тече со добра динамика без притоа, како што рече тој, во текот на градбата да се јавуваат проблеми.
За изградбата на брзата пруга од Ниш до Скопје, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија, Горан Весиќ, минатиот месец потпишаа меморандум.
Северна Македонија има обврски за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на железница со високи перформанси, и тоа во прва фаза на потегот од граничен премин „Табановце“ до Скопје и изградба на нова железничка линија до Меѓународниот аеродром „Скопје“.
Согласно меморандумот, тоа подразбира изградба на пруга во должина од околу 50 километри со комерцијална брзина со најмалку 160 километри на час за патнички возови, односно приспособување на брзината според локалните услови на трасата.
Република Србија, пак, ќе ја гради брзата пруга од Белград до Ниш и потоа од Ниш до Прешево.
Според Бочварски, Србија има поголема делница за работа. Тие, вели Бочварски, ја имаат за работа најпрво делницата од Белград до Ниш, а потоа од Ниш до Прешево. Втората делница, додава Бочварски, сè уште е во фаза на разгледување и таа ќе биде работена заеднички со нашата страна.
„Тие имаат своја обврска најпрво да ја реализираат пругата од Белград до Ниш. Ние нашиот дел од 50 километри е од Скопје до границата ’Табановце’ и поврзување со аеродромот ’Скопје’“,
рече Бочварски.
Министерот информираше и дека поради парламентарните избори што вчера се одржаа во Србија, изминатиот период имало забавена динамиката на средби и комуникација помеѓу двете страни, но тој додава дека во скоро време работните групи од двете земји ќе ја имаат првата работна средба.
„Она што можам да го истакнам е дека заеднички ќе настапуваме и пред меѓународните финансиски институции, а заеднички ќе настапуваме и во координација за поврзување на овој многу значаен проект од коридорот 10 за брзата пруга, а од наша страна дополнително работиме и на заедничкиот железнички граничен премин ’Табановце’ кој ќе биде од македонска страна и ќе биде заеднички за двете држави. Плановите се одвиваат брзо и сите оние процедури и процеси кои ќе течат во идниот период ќе бидат од интерес на двете држави, на граѓаните, на поврзувањето“,
додаде Бочварски.
