Со законот што го предлага Реџепи е предвидено менување на рокот до кој бесправно изградените објекти треба да се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и да преставуваат градежна и функционална целина, односно се предлага да бидат опфатени дивоградбите изградени заклучно со 31 декември 2022 година
Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти е доставен во Собранието и веќе е на дневен ред на 135. седница на Законодавниот дом закажана за 22 декември, по скратена постапка.

Предлагач на измените е пратеникот Скендер Реџепи кој, откако лани во јуни ја напушти Алтернатива во Собранието дејствуваше како независен пратеник, а неодамна ја формира партијата Народно движење.
Со законот што го предлага Реџепи е предвидено менување на рокот до кој бесправно изградените објекти треба да се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и да преставуваат градежна и функционална целина, односно се предлага да бидат опфатени дивоградбите изградени заклучно со 31 декемри 2022 година.
Понатаму во предлогот-законот кој брои вкупно седум члена се утврдува висината на надоместот за уредување на градежното земјиште за делот од површината на бесправно изградениот објект до 80 метри квадратни и за делот што е над 80 метри.
„Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за објектите со намена домување во станбени куќи согласно со правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и за електронските комуникациски мрежи и средства се пресметува врз основа на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште, кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овие објекти, и тоа за делот од површината на бесправниот објект до 80 метри квадратни зголемува за 50 отсто, а за делот од површината на бесправниот објект над 80 метри квадратни се зголемува за 100 отсто и се множи со површината на бесправниот објект која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект“,
се наведува во членот 2 од измените на Законот што ги предлага Реџепи.
Со предлог-законот, како краен рок до кој подносителите ќе можат да поснесат барање за легализација на бесправен објект е наведен 31 декември 2024 година.
„Членовите 3, 4 и 5 се измена на членови кои се преодни решенија во измените и дополнувањата на Законот од 2015 и 2017 година, а се однесуваат на подносителите кои немаат поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект до определен законски рок да можат најдоцна до 31 декември 2024 година да ја завршат постапката“,
се наведува во образложението на предлог-законското решение.

Во воведниот дел од материјалот на поднесениот предлог-закон се дадени статистички податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) за бројот на дивоградби изградени во текот на 2022 година на територијата на државата. Во текот на 2022 година, на територијата на Република Северна Македонија според податоците на Државниот завод за статистика се регистрирани 662 бесправно изградени објекти.
„Во зависност од видот на објектот, бесправно се изградени 111 објекти за домување, односно станбени згради, станбено-деловни згради и деловно-станбени згради и куќи за одмор (16,8 отсто), 101 доградба, надградба и адаптација (15,3 отсто), 58 деловни објекти (8,8 отсто), 94 гаражи (14,2 отсто), 125 огради (18,9 отсто), 5 скалила (0,8 отсто), 19 тераси (2,9 отсто), 5 летни тераси (0,8 отсто), 50 натстрешници (7,6 отсто), 15 времени објекти (2,3 отсто) и 79 помошни објекти 11,9 отсто)“,
се наведува во материјалот.
Најголемиот број од бесправно изградените објекти или 96,2 отсто се во приватна сопственост.
Но, како што се додава, иако во соопштенија на Државниот завод за ревизија од областа Градежништво, за бесправно изградените објекти се даваат податоци за секоја година, сепак бројот на бесправно изградените објекти е многу поголем од објавениот, а некои истражувања даваат податок дека бројот на дивоградбите на територијата на цела држава изнесува околу 50 000 објекти.
Контекстот на овие податоци се однесува на целта на предложените законски измени, кои, како што се наведува, треба да значат решавање на значителен број од постојните проблеми и спречување нивна појава во иднина.
„Заради решавање на овие прашања на објектите од значење за Републиката утврдени со Законот за градење и друг закон, објектите со намена производство, дистрибуција и сервиси (тешка и загадувачка индустрија, лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта), објекти со намена домување во станбени куќи и електронски комуникациски мрежи и средства, кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, како и делови на објекти со наведената намена кои сеизградени без или спротивно на одобрение за градење, по март 2011 година , а до влегување во сила на овој закон, се предлага предметната измена и дополнување на Законот за постапување со бесправно израдени објекти“,
се вели во точката 1 од воведот насловен: „Оценас на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причини за донесување на законот“.
Од Министерството за транспорт и врски за МИА изјавиле дека до нив не е доставен предлогот за измени на законот и оти не можат да се произнесат. Оттаму рекле и дека нема интерес за донесување на предлог-законот што на нивен предлог е доставен веќе две години во Собранието.
„До Министерството за транспорт и врски не е доставен предлогот на измените на законот и поради тоа не можеме да се произнесеме за овој предлог бидејќи на увид ги немаме измените. Потсетувaме декa речиси две години во Собранието поднесен е предлог-закон за постапување со бесправно изградени објекти доставен од страна на Министерството за транспорт и врски, за кој нема интерес за негово донесување“,
изјавиле од Министерството за транспорт и врски.
Легализацијата на дивоградби во државава првпат се овозможи со Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени.
Сепак, со постојното законско решение крајниот рок до кој можеа да се поднесат барања за легализација на дивоизградени објекти беше до 31 декемри 2018 година. Основен услов беше објектот за кој се бара легализација да бил функционална и градежна целина најдоцна до 3 март 2011 година.
Инаку, „360 степени“ неодамна објави серија стории за голем број диво изградени објекти на територијата на општина Чаир, кои биле легализирани незаконски, како да се изградени најдоцна до март 2011 година, иако податоците до кои дојдовме покажуваат дека тие се изградени во последните неколку години.
Во врска со овие случаи, по сториите на „360 степени“ Обвинителството отвори предмет.