„Ќе следуваат повеќе означувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени“, напиша амбасадорката во објавата на официјалниот фејсбук-профил на амбасадата на САД во земјава
Откако американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека бизнисменот и поранешен вицеперемиер Кочо Анѓушев е ставен на „црната листа“, со објава на социјалните мрежи се огласи и амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер. Таа вели дека означувањето на Анѓушев и на неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги „санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот“.

„Денешното означување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка припадност или времето на злоупотребите. Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени“,
напиша амбасадорката Агелер во објавата на официјалниот фејсбук-профил на амбасадата на САД во земјава.
Инаку, во одлуката објавена на веб-страницата на Стејт департментот се наведува дека Соединетите Држави го означуваат поранешниот вицепремиер на Северна Македонија како генерално неподобен за влез во САД поради негова вмешаност во значителна корупција.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси и ја поткопа довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“,
се наведува во одлуката.
Денешната акција, нагласуваат од Стејт департментот, покажува дека САД во Северна Македонија стојат со оние што бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.
„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“,
се додава во одлуката.
Стејт департментот, исто така, означувајќи ги како генерално неподобни, им забранува влез во САД и на сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите деца, Ангел и Огнен.
Кочо Анѓушев ја извршуваше функцијата вицепремиер за економски прашања од 2017 до 2020 година во владата која тогаш ја предводеше Зоран Заев како премиер.
Тој е сопственик и управител на групацијата „Феро инвест“ и на фабриката „Брако“.
Пред неполн месец, на американската „црна листа“ се најдоа и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на веќе споменатиот Јордан Орце Камчев, актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.