Уредбата за задолжителна самоизолација при тестирање за ковид-19 од денеска стапи во сила, а ќе трае до завршувањето на вонредната состојба во земјава и на пандемијата прогласена од Светската здравствена организација (СЗО).
Уредбата со законска сила предвидува дека секој оној што ќе се тестира за присуство на новиот коронавирус мора задолжително да се стави во самоизолација од моментот на земање брис или крв, па сѐ до добивањето на негативен резултат.
Во Уредбата е предвидено дека лицето не смее да излегува и треба да се изолира во својот дом или во стан или куќа каде што може да биде одделено од семејството. Ако не може да се одвои целосно, треба да ги сведе контактите на минимум.
Надзор над спроведувањето на самоизолацијата ќе прават МВР и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а предвидените казни за прекршување се по 50 евра.
Носењето на ваква Уредба временски доаѓа по случувањата во Куманово и состанокот на кризниот штаб на кој присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми. Сите тие завршија во самоизолација откако ден потоа беше објавено дека градоначалникот Максим Димитриевски е позитивен на ковид-19, а премиерот и министрите претходно не знаеле дека тој се тестирал.
Уредбата за задолжителна самоизолација е објавена во „Службен весник“ со број 107 од 22 април 2020 година. Заради изворно и детално информирање во однос на обврските на лицата кои се тестираат, Уредбата ја објавуваме во целост.
У Р Е Д Б А СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА САМОИЗОЛАЦИЈА ПРИ ТЕСТИРАЊЕ ЗА ПРИСУСТВО НА КОРОНАВИРУС COVID-19 ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Член 1
Со оваа уредба со законска сила се уредува спроведување на задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирус COVID-19, како и надзорот над спроведувањето на самоизолацијата за време на траењето на вонредната состојба.
Член 2
Сите домашни и странски физички лица, симптоматски и асимптоматски, на кои им е извршено тестирање за присуство на коронавирус COVID-19 во нивниот организам, се ставаат во задолжителна самоизолација и тоа од моментот на земањето на материјалот за тестирање (брис од уста, брис од грло, брис од нос, крв и слично), сè до добивањето на негативен резултат.
Член 3
Доколку земањето на материјал за тестирање е извршено надвор од домот, односно местото на потенцијална самоизолација на физичкото лице кое се тестира, лицето има обврска без одлагање во најкус можен рок и на најбрз начин, да се упати во самоизолација при што треба да ги намали, односно сведе на минимум попатните контакти со други лица, се до пристигнување на местото на самоизолација.
Член 4
Самоизолацијата трае до добивање на негативен резултат од тестирањето.
Самоизолацијата се спроведува во домот на лицето или во стан или куќа каде што истото може целосно да биде изолирано од лицата со кои живее (викенд куќа, стан во кој што не живее и слично).
За времетраење на самоизолацијата, лицето во самоизолација не смее воопшто да излегува, треба да ги сведе на апсолутен минимум контактите со лицата со кои што живее (ако не може целосно да се одвои) и треба да ги почитува препораките на Министерството за здравство во врска со самоизолација.
Член 5
Самоизолацијата може да премине во домашна изолација врз основа на Решение за здравствен надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно законите и протоколите за намалување на внесот, ширењето и справувањето со коронавирусот COVID-19.
Член 6
Надзор над спроведувањето на одредбите од оваа уредба со законска сила врши Министерството за внатрешни работи и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, секој во однос на одредбите од оваа уредба со законска сила, за прашањата за кои тие се надлежни согласно закон.
Член 7
Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 2 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба со законска сила.
Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од член 4 став 3 од оваа уредба со законска сила.
Член 8
Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската Здравствена Организација.
Член 9
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.