Паралелно, Здружението ќе ја оспори Уредбата со која судиите се ставаат на минималец и пред Уставниот суд, во тек се последните подготовки и се очекува Иницијативата да биде поднесена утре
Владата треба да интервенира во Уредбата со законска сила со која судиите се ставаат на минимална плата од 14 500 денари за април и мај и да им овозможи тие сами, преку своите органи Судски совет и Судски буџетски совет, на доброволна основа да отстапат дел од своите плати како одговор на повиците за солидарност во справувањето со пандемијата.
Ова го пишува во писмо кое вчера претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити ги испратил до Владата и до премиерот Оливер Спасовски.
Одлуката да се испрати писмото била донесена на вчерашниот состанок на Управниот одбор кој, како што пишува во писмото, ги има предвид тешката состојба во која се наоѓа државата од една, но и индивидуалните можности на судиите и нивните семејства од друга страна. Затоа, сметаат дека намалувањето на платите е преголемо и не ги исполнува начелата на солидарност и сразмерност.
„Се надевам дека ќе наидеме на целосно разбирање од \Владата, и со евентуалните iзмени и дополнувања на Уредбата ќе се постигне фер-баланс, помеѓу потребите на јавниот интерес наспроти правото на заштита на индивидуалните фундаментални права“,
пишува Џемаили во писмото.
Тој очекува позитивен одговор со кој, наведува, нема да дојде до понатамошни правни постапки пред домашните и меѓународните судови.
Судиите ќе ја оспорат Уредбата и пред Уставен, идејата произлегла од Граѓанскиот суд
Паралелно, судиите денеска ги прават последните подготовки за утре, како што се најавува, да поднесат иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста на Уредбата за кратење на платите.
Идејата Здружението да покрене постапка пред Уставен произлегла од неговата подружница во Основниот граѓански во Скопје, но предлогот бил поддржан од повеќето судии бидеќи во 21 од вкупно 32 подружници, сите членови биле „за“.
Иницијативаа се темели на тврдењето дека интервенцијата на извршната власт во платите на судиите е спротивна на членот 98 од Уставот каде се вели дека тој „ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт“. Друго, се наведува дека кратењето на платите е спротивно и на Законот за плати на судиите (член 2, став 2) во кој пишува дека платите на судиите не може да се намалат со закон или со одлука на државен орган, а со тоа се прекршува уште еден член од Уставот (член 126, став 1) кој вели дека ваквите уредби во вонредна состојба треба да се во согласност со Уставот.
Истото, Саити го појаснува и во писмото до Владата и до Спасовски.
„Од овие причини судиите сметаат дека наведената Уредба, иако е донесена во вонредна состојба, е спротивна на Уставот и Закон за платите на судиите. Со уредбата се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, на владеењето на правото и претставува директна интервенција во судската власт, со што се доведува во прашање и уставно загарантираната самостојност и независност на судството“,
пишува во писмото.
Во прилог на писмото, Саити го испратил и барањето со кое Основниот граѓански суд во Скопје барал Здружението да реагира со конкретни чекори, како и мислењата што ги дале подружниците на Здружението и одлуката на Управниот одбор да се испрати писмо до Владата и да се поддржи предлогот за покренување на иницијатива пред Уставениот суд. Исто така, препратено е и писмо кое Здружението го испратило до Министерството за правда кон крајот на март во кое потенцира дека поддржуваат солидарност, но и дека треба да почитува начелото на сразмерност и соодветност.
Уредбата засега останува
Премиерот Оливер Спасовски, пак, денеска без конкретен одговор на прашањето дали Владата ќе одговори на барањето и ќе ги изземе судиите од одлуката за минимална плата.
„Ние донесовме уредба и таа уредба е на сила. Доколку имаме разговори за измени и дополнувања, во случајот со Здружение на судии, сите забелешки ќе ги разгледаме на Влада и ако има некаква измена благовремено ќе известиме“,
рече Спасовски.