Прекин на мандат за мене е многу реално ако се цени дека сето тоа ќе придонесе за да ги подобри состојбите – вели претседателот на Судскиот совет прашан што ако Оценската мисија на ЕУ препорача распуштање на актуелниот состав на Советот
Доколку Оценската мисија на Европската Унија, предводена од судијата во Врховниот суд на Хрватска, Бранко Хрватин, која изминативе месеци работеше на препораки за Судскиот совет во Северна Македонија, заклучи дека Советот треба целосно да биде распуштен, ние ќе ја почитуваме таквата одлука. Ова е ставот на претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, искажан во интервју за „360 степени“ емитувано на МРТ 1.
„Не бегаме од состојбите. Покажавме коректност, добронамерност. Со колегите коишто беа дојдени, разговаравме, работевме во делот на сите овие сензитивни прашања. Очекуваме да го добиеме извештајот. Најголем дел од членовите на Оценската мисија беа судии. Во сите овие разговори судиите наидуваа на разбирање во каква позиција и состојба сме, каде што, согласно законските решенија, согласно законските обврски, во дадените ситуации како постапуваме. Во најголем дел ни оставија впечаток дека се согласуваат со таквите состојби кога во дадената законска процедура и решение, ефектите се такви“,
изјави Георгиев.
Прашан што доколку препораките подразбираат разрешување на целиот Судски совет, Георгиев одговара дека функцијата не е вечна.
„За мене зборувам, нема проблем. Затоа што, ако е таква перцепцијата, ако е тоа препорака од релевантен фактор, нема дилема, ништо не е вечно, тука сме да го спроведеме тоа. Во делот на препорака, за мене сето тоа, од такви релевантни фактори, јас тоа ќе го почитувам, како и да е. Прекин на мандат за мене е многу реално ако се цени дека сето тоа ќе придонесе за да ги подобри состојбите, да ја подобри состојбата да имаме некаква доверба“,
вели претседателот на Судскиот совет во интерјвуто.
Георгиев во целост се согласува со оценките за Судскиот совет и судството искажани во Извештајот на Европската комисија за земјава, но додава дека тоа се состојби години наназад.
Прашан за тоа дали требаше сите членови да го следат примерот на судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радеска-Стефкова и да се повлечат од членување во Судскиот совет кога беа критикувани за промената на претходната претседателка Весна Дамева, Георгиев вели дека дури и двајцата гласале за таквата одлука.
„Се случи тоа што се случи во април со промената на претходниот претседател, колешката Весна Дамева. Јас бев еден од тие што гласаше за ваквата одлука, но да не заборавиме – одлуката беше прво со седум гласа, но беше повлечена и на повторното гласање на новата седница, со овие два члена коишто ги спомнавте од Врховен суд и Апелационен суд, се доби бројка од девет. Јас ова ќе го истакнам, верувајте дека тоа беше состојба која, за мене можам да кажам, не можам за останатите колеги, тука некаде бевме блиску до некаква одлука, но еве, одлучивме да се бориме и да докажеме дека знаеме и можеме да функционираме, да постапуваме законито, пред сè, јас се надевам и успешно. Времето ќе покаже“,
одговара актуелниот претседател на Судскиот совет.
Но, она со што Георгиев не се согласува е начинот на кој министерот за правда Кренар Лога мисли дека треба да се реформира судството. Формирањето работна група од страна на Лога, која треба да работи на реформи, меѓу кои и во Судскиот совет, може да отвори политички преседан, вели тој.
„Лоша пракса ќе биде тоа (распуштање на Судски совет, н.з.). Замислете, и во иднина тоа ќе биде еден принцип дека при промена на политичка гарнитура или било каква состојба, по нечиј предлог, тоа ќе оди така елегантно како некаква пракса и тоа мислам дека ќе биде лоша порака за судството во иднина, иако со години наназад беа најавувани вакви работни групи, се работеше секоја година на реформи, секоја нова политичка гарнитура најавуваше реформи, но состојбите ги видовме до кој степен, еве, се наоѓаме. Затоа велам, очекувам и оваа работна група, многу реално, темелно и практично, луѓе кои ја знаат проблематиката, да најдат начин и решенија за, еве, во иднина со законски решенија да се најде модус за да се врати довербата во Судскиот совет, а и генерално во судството“,
изјави Сашко Георгиев, претседател на Судскиот совет на Северна Македонија.