Центарот за граѓански комуникации направи мониторинг на јавните набавки од 20 март до 20 април поврзани со кризата со ковид-19, при што констатира извесни отстапки
Од почетокот на март до 20 април склучени се 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милион евра, од кои најголемата набавка е за респираторни машини, за што се потрошени 909 илјади евра, покажува анализата од мониторингот на итните набавки поврзани со коронавирусот што го спроведе Центарот за граѓански комуникации.
Оваа невладина организација притоа констатирала дека:
– во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма;
-најчесто се купува заштитна опрема и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените;
-во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавенитe производи ниту поединечните цени;
-пет здравствени, три локални и две национални институции се во првите 10 институции со најголема вредност на набавките.
Што се набавувало
Досега најголема набавка поврзана со кризата е онаа на Министерството за здравство, кое со посебна Уредба на Владата набави 31 респираторна машина за 909 561 евро, или по просечна цена од 29 340 евра по машина. Специфичноста на оваа набавка е што е објавен јавен оглас во кој се бараат понуди во рок од три дена, со однапред утврдена максимална цена од 25 000 евра по машина (без давачки) и максимален рок на испораката од 30 дена. Добиени се девет понуди, од кои седум се отфрлени поради неисполнување на рокот на испораката, цената или други услови од повикот.
Од останатата опрема, најчесто се купуваа онаа за заштита и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените.
Државните институции набавуваат повеќе видови маски, од двослојни или трослојни заштитни хируршки маски по цени од 30 до 45 денари, преку заштитна маска N95 со цени од 200 до 340 денари, респираторни маски FFP3 со цена од 177 денари и респираторни маски N95 кои чинат од 66 до 97 денари, па сè до платнени маски по цена од 35 денари и хируршки маски со визир по цена од 53 денари. Шареноликост постои и во однос на скафандерите, па некои купуваат од оние за еднократна употреба, за кои плаќаат од 177 до 485 денари, а други купуваат скафандери за повеќекратна употреба, по цени од 1 180 денари. Кога станува збор за прегледните ракавици за еднократна употреба, забележана е значајна разлика во цените: од 1,76 денар до 4,70 денари. Малопродажната цена за овие ракавици е главно 3,5 денари и произлегува дека одредени институции ги купуваат по цени што се повисоки и од малопродажните.
Забелешки
Мониторингот на Центарот за граѓански комуникации покажал дека во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, а значаен дел од институциите продолжуваат со практиката, пред склучувањето на итните договори, да преговараат само со една наместо со повеќе фирми.
Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавените производи, ниту поединечните цени. Дел од институциите (речиси 20 отсто), се наведува во мониторингот, во договорите за јавна набавка или во одлуките за избор на најповолна понуда што ги објавуваат на Електронскиот систем за јавни набавки, го наведуваат само предметот на набавката, односно што е тоа што ќе го купат и вкупната вредност на договорот.
„Ваквото постапување не е во духот на транспарентното и отчетно работење и го оневозможува увидот на стручната јавност и на граѓаните во начинот на којшто се трошат јавните пари“,
констатираат од Центарот за граѓански комуникации.
Кој најмногу набавува
Пет здравствени, три локални и две национални институции се во првата десетка со најголема вредност на набавките. Со набавката на респираторните машини и пет други набавки, Министерството за здравство досега склучило највредни договори за јавни набавки поврзани со коронавирусот. Следуваат Градската болница во Скопје, но и Градот Скопје, како и владината Служба за општи и заеднички работи. Прилепската болница е единствена локална болница на овој список, а како локални институции се јавуваат и скопското Јавно претпријатие за паркови и зеленило и Општината Бутел. Од министерствата, покрај Министерството за здравство, единствено друго со поголеми набавки е Министерството за одбрана, а од клиниките – Клиниката за гинекологија и акушерство, се наведува од страна на Центарот за граѓански комуникации.

Кај фирмите, најголеми се договорите за респираторните машини, по што следуваат трите фармацевтски компании – „Алкалоид“, „Д-р Пановски“ и „Еурофарм“. Најголема поединечна вредност на еден договор и, воедно, фирма со највреден договор е „Соникс Анастасија“ ДООЕЛ од Скопје, за 26-те од набавените 31 респираторна машина. Следна е втората фирма, која обезбеди 5 респираторни машини, „Винора“ ДООЕЛ Скопје. Следува „Алкалоид“ АД Скопје со склучени осум договори.
Од останатите податоци кои произлегуваат од овој мониторинг, значајно е дека е намален бројот на тендери за време на кризата во споредба со претходните две години, односно од 18 март до 18 април годинава има за 46 отсто помалку од бројот на набавките во 2019 и за 38 проценти помалку од набавките во 2018 година. Поради коронавирусот, поништени се само 15 набавки.

Во мониторираниот период Владата донела четири уредби со законска сила кои се однесуваат на јавните набавки – три се однесуваат на интервентни набавки на респираторни машини, заштитни маски и медицински ракавици, додека со четвртата уредба се одложи полагањето на испитите за лицата за јавни набавки и се продолжи важноста на потврдите за положен испит што ќе истечат во меѓувреме.
Препораки
Центарот за граѓански комуникации во врска со она што констатирано, но и во очекување дека овие набавки ќе стануваат сè пообемни, препорачува договорните органи да настојуваат секогаш да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари, редовно, навремено и што е можно подетално да ја информираат јавноста за итните набавки поврзани со заштита и превенција на ширењето на ковид-19, и тоа преку објавување на одлуките за избор на најповолната понуда преку известувањето за доброволна претходна транспарентност – истиот ден кога ќе го информираат и понудувачот, објавување на известувањата за склучените договори и на договорите за итните набавки – најдоцна десет дена од склучувањето на договорот, наведување прецизен опис на набавените производи, количините и поединечните цени во склучените договори и објавување на сите информации за набавките кои се спроведуваат во согласност со уредбите што ги носи Владата со објавување на огласите, одлуките за избор и склучените договори на веб-страниците на соодветните институции.
Исто така, се препорачува да се вклучуваат повеќе фирми во преговарањето, имајќи предвид дека причината за преговарање е итноста, а не заштитата на ексклузивното право на одредени фирми, да се истражува пазарот и да се гледаат примери од набавките на други институции коишто набавиле по пониска цена и вклучиле повеќе понудувачи во преговарањето, да се искористи процесот на преговарање за постигнување разумни цени и да не се склучуваат договори со нереално високи цени, да се почитуваат роковите на испорака на набавените производи.

Бидејќи токму итноста на набавките ја оправдува примената на постапката на директно договарање, потребно е детално да се образложуваат причините за секоја набавка во одлуката за набавката за да се оправда дека договорниот орган не можел да ја предвиди набавката, немал време за примена на други постапки и дека околностите за крајната итност во никој случај не можат да ѝ се припишат на институцијата што набавува, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации во анализата по мониторингот на набавката направени во 20 март до 20 април годинава поврзани со кризата со коронавирусот.