Според д-р Савески од Клиниката за инфективни болести, повеќето од новооткриените ХИВ-позитивни случаи оваа година се мажи, но за разлика од други години оваа првпат има тренд на ХИВ-инфекција и кај хетеросексуалната популација. Тој и програмска раководителка на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување апелираа да се подигне јавната свест и да се надмине табуто околу тестирањето за сексуално преносливи болести нагласувајќи дека превенцијата е најдобра и најевтина алатка
Клиниката за инфективни болести и невладината ХЕРА од утре (20 ноември) ја почнуваат кампањата „Грижи се за себе“ со бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести, соопштија денеска на прес-конференција претставниците на Клиниката и на невладината, д-р Велимир Савески и Весна Митевска.
Кампањата, која ќе трае до 26 ноември, е во рамките на одбележувањето на Европската недела на тестирање и Месецот на машкото здравје.

Целта на кампањата е да се поттикнат и охрабрат мажи и момчиња кои се во ризик превентивно да се тестираат, без разлика на која популациска група припаѓаат, бидејќи секое трето лице што живее со ХИВ не го знае својот ХИВ-статус.
Како што беше соопштено, на Клиниката за инфективни болести оваа година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, од кои 41 лице се на редовен антиретровирусен третман, а една третина од овие пациенти се откриени во доцна фаза од болеста.
Според д-р Савески, повеќето од новооткриените ХИВ-позитивни случаи оваа година се мажи и дека, за разлика од други години каде што најчесто биле мажи кои имаат сексуални односи со мажи, оваа година првпат има тренд на ХИВ-инфекција и кај хетеросексуалната популација.
Тој и Митевска, програмска раководителка на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, апелираа да се подигне јавната свест и да се надмине табуто за тестирањето за сексуално преносливи болести, нагласувајќи дека превенцијата е најдобра и најевтина алатка.
„Постои терапија со која на навремено откриените пациенти им се овозможува нормален живот и просечен животен век ист како и кај ХИВ-негативните лица. Проблем е кога пациентот доаѓа со некаква клиничка слика која можеби не е препознаена на почеток, се тестира, се помислува на ХИВ и тогаш го откриваме пациентот дека е во доцна фаза од болеста односно во стадиум на СИДА. Тогаш лекувањето е потешко, понекогаш е потребно и болничко лекување, некогаш пациентите завршуваат на интензивна нега“,
рече д-р Савески, пренесува МИА.

Тој посочи дека жените и девојчињата се поотворни на оваа тема. Причината, како што наведе, е тоа што здравствениот систем веќе има воспоставено некаква грижа за нив, постојат матични гинеколози кои се грижат за женското сексуално и репродуктивно здравје.
„Додека машкото сексуално и репродуктивно здравје сè уште е табу, за жал. И тоа еднаш засекогаш веќе треба да се смени и треба да го нормализираме тестирањето за ХИВ и за сексуално преносливите инфекции“,
нагласи Савески додавајќи дека на Клиниката за инфективни болести тестирањето за ХИВ е доверливо и секој може да дојде и да се тестира анонимно.
Програмската раководителка во ХЕРА, пак, посочи дека во нивните младински центри „Сакам да знам“ веќе 17 години е овозможено тестирање за ХИВ и за различни сексуално преносливи болести. Во центрите се нудат и бесплатни кондоми, контрацепција и брзи бесплатни тестови за ХИВ, а во пакетот услуги што ќе биде достапен претстојната седмица е вклучено и бесплатно тестирање за сифилис, гонореја и кламидија.
Како многу важни во однос на оваа проблематика таа ја нагласи потребата од зголемувањето на буџетските средства за превенција, како и едукацијата.
„Едукацијата и подигнување на свесноста е она што можеме дополнително да го направиме, затоа што фактите велат дека 36 отсто од младите кои се сексуално активни не користат заштита, не користат кондоми. Затоа ни е потребно и сексуално образование уште од најрана возраст. Така ќе влијаеме и на детабуизирање на овие теми“,
рече Матевска.
Во однос на трендот на ХИВ-позитивни во изминативе години, д-р Савески соопшти дека за време на ковид-пандемијата имало стагнација или недоволно откриен број на ХИВ-случаи, кога и бројот на тестирања бил очекувано намален зашто Инфективната клиника тогаш беше голем ковид-центар.
„Во последниве години, како што заминува пандемијата, го имаме веќе бројот од 40-50 случаи годишно коишто се откриваат на Клиниката за инфективни болести“,
додаде докторот од Инфективната клиника.