Од Министерството се незадоволни и поради недостигот на информации за користењето опрема за снимање и поради отсуството на податоци за дисциплински постапки
Министерството за правда упатило повеќе забелешки за Извештајот за работата на јавните обвинителства на Република Северна Македонија, кој денеска бил поднесен до Владата. Како што соопштија оттаму, во документот нема повеќе елементи, како податоци за траењето на истрагите, информации за снимањето на испитувањата на обвинетите и на сведоците, како и податоци за дисциплински постапки.
Од Министерството објаснија дека според Законот за кривична постапка една истрага може да трае најмногу шест месеци, а ако не се заврши во определениот рок, јавниот обвинител може да побара од вишиот јавен обвинител да ја продолжи за уште шест. По исклучок, додаваат оттаму, и овој рок може да се продолжи за уште три месеци од јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
„Податоците за времетраењето на истражните постапки се од круцијално значење, со оглед на фактот дека во праксата овие рокови јавните обвинители ги сметаат како инструктивни рокови кои не се почитуваат, а истрагите се одолговлекуваат“,
велат од Министерството во мислењето испратено до Владата.
Оттаму потсетуваат и дека долгото времетраење и за неажурноста на истрагите е констатирано и во Извештајот на Стејт департментот на САД за човекови права за 2021 година, каде што се наведува дека во постапките пред Јавното обвинителство истрагите траеле долго и засегнатите страни не биле информирани за статусот на предметите.
Исто така, потсетуваат и на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, каде што пишува дека истражните центри при основните јавни обвинителства треба да се зајакнат за да ги постигнат своите цели за зголемување на ефикасноста на истрагите и подобрување на координацијата меѓу обвинителите, полицијата и другите релевантни тела.
Во поднесениот извештај, како што потенцираат од Министерството за правда, не постојат ниту податоци за користењето на опремата за визуелно-тонско снимање на истражните дејства, односно за снимањето на испитувањето обвинети и сведоци.
„Законот за кривичната постапка ја уредува оваа можност, со цел поголема заштита на човековите права и обезбедување поголем степен на правна сигурност“,
велат од Правда во мислењето.
На крајот, од Министерството додаваат дека Извештајот за работата на јавните обвинителства на Република Северна Македонија не содржи податоци за покренати дисциплински постапки или за изречени дисциплински мерки против обвинителите.
„Со тоа, иако од повеќе меѓународни институции е нотирано дека јавните обвинители не ги почитуваат роковите за истражни постапки, во практиката не се констатирани дисциплински повреди за истото“,
се нагласува во соопштението од Министерството.