Ова е пораката која денеска од Скопје ја упати претседателот на Народното собрание на Бугарија, Росен Желјасков, истакнувајќи дека позицијата на Бугарија е прием на Северна Македонија во ЕУ, без алтернатива. Осврнувајќи се на уставните измени, за чие усвојување е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, Желјасков порача – „државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори“
Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе имаме можност да се восхитуваме за почетокот на преговорите на С Македонија со Европската Унија.
Ова е пораката која денеска од Скопје ја упати претседателот на Народното собрание на Бугарија, Росен Желјасков, истакнувајќи дека позицијата на Бугарија е прием на Северна Македонија во ЕУ, без алтернатива.

„Во таа смисла, минатата година бугарскиот парламент категорично усвои декларација со која го прифати францускиот предлог. Некои тоа го нарекоа историски компромис, но знам дека нашите две држави го направија неопходниот компромис кој е во името на нашите народи. Во таа смисла бугарскиот став не е поразличен од ставот кој е споделен од мнозинството во македонскиот парламент. Благодарност до пратениците за јасно изразениот став поврзан со влегувањето на С Македонија во ЕУ и консолидирањето на јасно мнозинство за промените на Уставот. Јасно е дека има мнозинство, но недоволно во моментов“,
рече претседателот на бугарскиот парламент Росен Желјасков.
Осврнувајќи се на уставните измени, за чие усвојување е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, Желјасков порача – „државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори“. Изборите, додаде тој, доаѓаат и поминуваат, но интересите на граѓаните за раснење на своите деца и внуци во мир и благосостојба остануваат непроменети. На нашите народи, порача тој, им должиме заедничка европска иднина.
Желјасков го повтори ставот на Бугарија оти за С Македонија нема друга алтернатива освен европската, а исклучително важно, додаде тој, е С Македонија и Албанија заедно да се движат по тој пат.
„Со спикерот Талат Џафери разговаравме и за спроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година и посочивме дека довербата која треба да ја градиме треба да се спротивставува на омразата, а гаранција за тоа е активно придржување кон правата на бугарската заедница, а промената на Уставот е дел од тој пат“,
додаде Желјасков.
Од заедничката прес-конференција со спикерот на македонското Собрание, Талат Џафери, Желјасков изрази верување дека следната средба ќе биде повод за одбележување на, како што рече, задоволството од промената на Уставот и почетокот на пристапните преговори за членство на С Македонија во ЕУ.