Голема забуна, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се различните одлуки во врска со тоа дали инвеститорот ќе ја добие хидроцентралата „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне да ја гради „Чебрен“, три месеци откако ќе ја заврши или воопшто нема да ја добие

Владата неколкупати ги менувала одлуките поврзани со изградбата на хидроцентралата „Чебрен“, со што создала сложена ситуација и потенцијално голем проблем во иднина, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на државните електрани, Христијан Мицкоски, во интервју за „Република“. Според него, целиот процес изобилува со многу пропусти, поставен е на лоша основа и е воден погрешно поради што понатаму ќе има сè повеќе пропусти.
Во транскриптот од излагањето на Мицкоски во емисијата, кое како соопштение го испрати неговата партија, се изнесува серија хронолошки подредени документи со кои тој ги лоцира, како што се вели, пропустите во процесот што придонеле ситуацијата да биде проблематична.
Како што посочил опозицискиот лидер, прво владата на Зоран Заев на 24 декември 2019 година донела одлука за отпочнување на постапката, во која се вели дека на компанијата што ќе ја добие оваа набавка ќе ѝ биде отстапена и хидроцентралата „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне изградбата.
„Почнува да се гради, три месеци потоа го добиваат ‘Тиквеш’, па потоа треба да изгради 400-киловолтна трафостаница ‘Мариово’ каде што ќе се поврзе хидроцентралата, ќе направи експропријација на земјиштето, ќе изгради пристапни патишта до локацијата и, бидејќи овој концепт е сложен, таканаречена реверзибилна хидроцентрала, ќе обезбеди ноќни вишоци на струја со која помалата хидроцентрала ‘Орлов Камен’ навечер ќе ја враќа водата повторно во ‘Чебрен’ и ќе може неколкупати истата вода да се користи преку ден за производство на електрична енергија. Тоа се условите кои што ги дефинира оваа одлука“,
истакнал Мицкоски.
Но, како што објаснува потоа, по кратко време власта ја презема техничката влада предводена од Оливер Спасовски, која носи нова одлука на 4 февруари 2020 година, со која се бришат сите овие обврски наведени во првичната одлука. А две недели подоцна е објавен и јавниот повик, и во него избришаните обврски повторно се појавуваат. Ситуацијата дополнително се комплицирала со тоа што во меѓувреме е објавен повикот за компаниите да учествуваат во претквалификацијата, во кој се вели дека победничката компанија ќе ја добие ХЕЦ „Тиквеш“ три месеци откако ХЕЦ „Чебрен“ ќе почне со работа, односно ќе биде завршена градбата.
„Тоа е голема разлика бидејќи ако отприлика таа градба трае шест години, а ХЕЦ ‘Тиквеш’ произведува отприлика 140-150 илјади мегават часа, пазарната цена е некаде околу 120 евра мегават час, но таа е пикова енергија и е уште поскапа, но, еве, да речеме, 120 евра мегават час, помножено со 6 години ние добиваме сума од 100 милиони евра“,
додал Мицкоски.
Она што според него е најважно е што во краток период биле донесени повеќе документи што не се поклопувале еден со друг, што предизвикало проблем.
„Помеѓу овој јавен повик, одлуката на Заев е одлуката на Спасовски да брише делови од одлуката на Заев за почнување на постапка. И се објавува јавниот повик каде што повторно се појавува ХЕЦ ‘Тиквеш’ којшто не би требало да се појави бидејќи веќе е избришан од страна на владата која што ја предводи Оливер Спасовски две недели претходно“,
рекол Мицкоски.
Тој додава дека поради ваквото непоклопување компанијата добитник вложила жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е носител на оваа набавка.
Според опозицискиот лидер, конфузијата продолжила и понатаму во постапката, па така на 14 септември годинава сегашната влада ја избира групата „ППЦ – Архиродон“, односно грчкото електростопанство, како најповолен понудувач, повикувајќи се на одлуките пред три и пол години во кои ХЕЦ „Тиквеш“ еднаш се дава три месеци по почетокот на градбата, а вториот пат се брише. Мицкоски рече дека откако ја добила оваа одлука избраната компанија вложила жалба до Министерството за животна средина бидејќи делови од неа биле спротивни на тендерската документација на која тие учествувале.
Мицкоски ги повикал институциите да и ја разјаснат ситуацијата на јавноста.
„Не знам дали е ова намерно направено. Не знам дали е од незнаење направено или од некои други причини, но предупредувам дека овој процес ваков каков што е, каков што сега го анализираме овде во вашата емисија е поставен на погрешна основа. Едно дрво погрешно засадено погрешно ќе изрти. Предупредувам, бидејќи имаме право како потенцијална идна влада да бидеме загрижени дека ова може да не доведе до една многу, многу сложена ситуација. Народот има право да знае која од овие одлуки е одлуката и зошто се појавува различно толкување на отстапување или неотстапување на хидроцентралата ‘Тиквеш’ која што е постојна, дали три месеци по отпочнување на градбата или три месеци по пуштање во функција на хидроцентралата ‘Чебрен’“,
рекол тој за „Република“.
На властите Мицкоски им порачал во „уште овие неколку месеци што се таму“ да не прават проблеми со коишто дополнително ќе ја загрозуваат Македонија како држава, а воедно погрешно ќе го наведат и самиот инвеститор.