Одлуката за ваквите промени е објавена на Фејсбук страната на ИВЗ, а се вели дека е донесена со цел да се зачува единството на муслиманското население во земјава, како и да се зачува интегритетот на оваа втора по големина верска заедница во земјава
Ријасетот на Исламската верска заедница во земјава (ИВЗ) вчера на седница ги разрешил тетовскиот муфтија, Ќани Несими и струшкиот муфтија, Салим Сулејмани.

Одлуката за ваквите промени е објавена на Фејсбук страната на ИВЗ, а се вели дека е донесена со цел да се зачува единството на муслиманското население во земјава, како и да се зачува интегритетот на оваа втора по големина верска заедница во земјава.

Под раководство на поглаварот Шаќир Фетаи, Риjaстот назначил в.д. муфтии на овие две муфтивства.
Во соопштението кое го објавија ИВЗ стои дека е донесена едногласна одлука.
„Како вршител на должноста муфтија до нови избори на Тетовското муфтиство е именуван д-р Селвер Џемаили. До нови избори, за вршител на должноста муфтија на Струшкото муфтиство е поставен г. Јусуф Исмаили“,
се вели во соопштението од ИВЗ.

Одлуката, како што е посочено во соопштението е донесена од Ријасетот на ИВЗ на РС Македонија како највисок колективен орган.
„Ријасетот ги донесе горенаведените одлуки за зачувување на единството на муслиманското население во нашата земја, како и за зачувување на интегритетот на Исламската Верска Заедница на РСМ“,
пишува во одлуката.
Тетовскиот муфтија, Ќани Несими за ТВ Сител вели дека ваквата одлука е спротивна на Уставот на ИВЗ и обвинува за самоволие на поглаварот.
„И тетовското муфтивство не ја прифаќа оваа одлука, бидејќи е спритивна на Уставот и законите на ИВЗ. Фетаху сака да се направи доживотен поглавар на ИВЗ. За ова ќе ги известиме сите надлежни институции, како и меѓународните претставници и ќе побараме помош ИВЗ да се врати на уставните норми“,
вели Несими.
Инаку, седницата на Ријасетот на ИВЗ, била свикана без да бидат поканети тројца муфтии, како тетовскиот, струшкиот и кумановскиот, пишуваат медиумите на албански јазик.