Овој ден се одбележува на 29 октомври за да се нагласи сериозната природа и високата стапка на мозочен удар, да се подигне свеста за превенција и третман на состојбата и да се обезбеди подобра грижа и поддршка за пациентите
Македонија е во црвената зона при светските мерења на можност од мозочен удар, а според докторите, болеста е многу сериозна, по стапката на смртност е на второ место по кардиоваскуларните болести.
Загрижува фактот што и во Македонија и во светот мозочен удар добиваат лица по 40 години.

Докторите апелираат да се води здрав живот уште од помлади години. Предупредуваат дека консумацијата на кокаин, која во земјава е во подем, е првиот причинител за мозочен удар.
Овој ден се одбележува на 29 октомври за да се нагласи сериозната природа и високата стапка на мозочен удар, да се подигне свеста за превенција и третман на состојбата и да се обезбеди подобра грижа и поддршка за пациентите.
Граѓаните на Скопје, Кочани и Тетово денеска имаа можност преку настани да се запознаат со причините и последиците од оваа состојба.
Согласно светската статистика, секоја 40-та секунда има ново лице со мозочен удар, а секоја четврта минута некое лице со мозочен удар завршува со фатален исход, информираше претседателката на Македонското невролошко здружение, проф. д-р Драгана Петровска-Цветковска, на настанот што се одржа во Скопје на плоштадот Македонија.
Проф. д-р Петровска-Цветковска, истакна дека целта на настанот е да се подигне свеста кај населението за тоа што претставува мозочниот удар, како да се препознае и како да се реагира.
„Треба да се реагира најитно, затоа што мозокот е време, односно времето е мозок и нас секоја секунда ни е драгоцена за да спасиме што е можно поголема територија на нервни клетки“,
истакна таа и додаде дека една третина од пациентите се извлекуваат од целата таа криза без последици, една третина од пациентите завршуваат со тежок инвалидитет, а една третина завршуваат фатално.
Како што нагласи докторката, светските податоци говорат дека за жал, нашата држава се наоѓа на картата во црвена зона, односно како во однос на стапката на морбидитет, така и во однос на стапката на морталитет.
Претседателот на Македонското здружение по кардиологија, проф. д-р Маријан Бошевски, нагласи дека три кафиња дневно ја намалува честотата на кардиоваскуларните збиднувања.
„Три кафиња дневно ја намалува честотата на кардиоваскуларните збиднувања, пет до шест црвени вина во неделата по 180 милилитри ја преполовуваат исто така честотата на кардиоваскуларните, односно циркулаторните заболувања како таква. Секако тука не треба да се избегне форсирањето на физичката активност и здравиот начин на живот, отфрлање на се она што е несакано, како што е пушење“,
истакна Бошевски.