Две недели откако Владата ги усвои првичните препораки и мерки, чија цел е да ја одвратат кафеавата мечка да се симнува во населените места во Националниот парк „Маврово“, на терен се спроведуваат само дел од нив
Месното население во Жировница е незадоволно од досега направеното. „Да ни дадат пари да им заколеме по едно теле за да ги раниме“, во иронија вели една повозрасна жителка на селото
Чистење на дивите депонии и оградување на легалните. Ова беа две од повеќето мерки кои ги поддржа Владата на седницата одржана на 3 октомври за мечките да се одвикнат да доаѓаат во населените места во Маврово.
Местото за одлагање на комунален отпад во Жировница е на самиот влез на селото. За разлика од неодамнешните видеа од ова место, се чини дека е испочитувана мерката за почесто чистење на депониите.
Делумно е исполнета мерката контејнерите да се затвораат со безбедносна ограда. Вработените во комуналното претпријатие ги испразнија контејнерите токму кога влегувавме во селото, а ги чекаа другите колегите кои со помали возила го собираа сметот внатре во селото.
Во горното маало на Жировница не пречека Ариф Салиу. Се видовме и пред две недели, кога ни раскажуваше за блиската средба со мечка во дворот на неговата куќа. Го прашавме – дали има разлика по носењето на владините мерки?
„Па по мое сега овие 5-6 дена е потсмирена работата. Не слушам да реагираат кучињата и ми се чини дека малку е смирено. Но, долу кај контејнерите ја виделе на 2-3 наврати некоја голема мечка, таа машката веројатно, али е посмирено“.
вели Салиу.
Во долното маало на Жировница, кое е поблиску до местото за одлагање на комуналниот отпад, искуството е различно. Поранешниот директор на основото училиште и жител на селото, Реџеп Реџепи, смета дека мерките се само на хартија.
„Значи и покрај настојувањето на месната заедница па да кажам и општината сепак тие мерки не дават резултати. А не дават резултати бидејќи апсолутно не соодветствуваат со реалноста, реалноста е сосема друго.Никој нема да ги имплементира. Ова е само една фарса, лага, само се купува време. Јас уште на првите состаноци не одев на состаноци. Зошто? Затоа што нема никакви решенија, луѓето кои што се задолжени, обврзани, платени не си ја вршат работата“.
рече Реџепи.
Соседот на Реџеп, Ваид, вели дека мечките секоја вечер се во нивното маало. Тој бара животните да се дислоцираат некаде каде што нема население.
„Нешто да се преземе некои мерки, или да се земат мечкиве да се преселат некаде кај што нема население, кај што нема луѓе, стока едно друга да нема. Ова како Африка стана по мое, ја така го размислувам“.
вели Ваид.
Ист став има и претседателот на месната заедница во село Жировница, Аднан Салиу. И тој мисли дека ништо нема да се смени се додека мечките не се преселат.
„Мислам дека од тие мерки ништо нема ефект. Имаше две акции изведено од страна на Националниот парк со ренџерите, со помош исто се вклучија друштвото на ловџии. Испукаа неколку пати во вис да ги исплашат мечките. Мислам дека ефект нема да има од тоа“.
вели Салиу.
Салиу упати уште еден апел до институциите.
„Мерките ги предложија, ама не гледам дека излезе нешто на терен за да почнат да се реализираат мерките. Само два пати акција што се изврши од Националниот парк и толку. Не гледам други мерки, ниту некој се јавил за да бара мислење од нас или да не знам да не охрабри некако. Да каже дека, еве почнуваме со втора, трета мерка апсолутно некако замрено све“.
рече Салиу.
Дали има промени во меѓувреме, ги прашавме и двете повозрасни жителки на Жировница кои при нашата последна посета побараа политичарите повеќе да не бараат гласови во селото, ако сега не им помогнат.
„Не се дојдени ниеден да рече чекај луѓево како живеат, мечките си шетаат си уживаат низ селово, еве сега има 3 телиња му влегла мечката е па гревота и тој од тоа живеат да му јаде теле од 150 кила, утре дете ќе изеде и кога ќе немаат веќе што да јадат и нам луѓево стариве“.
вели жителка на Жировница.
„Не, не, ништо не, си одат навечер ради реда со петарди и ништо на мегдан, соседи веќе ни стана мечките, си шетаат чесно и поштено. Сега да ни дадат барем пари да им заколеме по едно теле да ги храниме“
вели друга жителка на Жировница.
Според кажувањата на жителите и според тоа што самите го видовме, досега се имплементираат неколку мерки. Повеќе се внимава на ѓубрето и се оградуваат контејнерите, иако е рано да се каже дали е тоа на посакуваното ниво. Организирани се и хајки кои треба да ги исплашат мечките. Сепак, ниту Општината Маврово и Ростуше, ниту Националниот парк Маврово не се одѕваа на поканите да образложат – до каде се со мерките и има ли потешкотии.
Затоа, пак, Владата донесе нови задолженија пред само два дена. Можеби клучно, од неколку институции се бара за три месеци да достават предлог со локации за преселба на кафеавата мечка. За исто толку време треба да се направат тимови кои ќе ги преселуваат мечките, што потврдува дека такви нема во моментов.
Координацијата и надзорот му се доверени на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
360°: Дали Центарот за управување со кризи е задоволен од ангажманот на
сите засегнати во изминативе две недели?
„Немав информации, се до вчерашната одлука на Влада, немавме
легитимитет да ги следиме активностите“.360°: Дали ЦУК смета дека мерките првично даваат некаков резултат?
вели Ангелов.
„Ова прашање ќе го упатите на жителите од Жировница“.
За досегашните мерки и нивното спроведување, Ангелов не упати став да бараме во институциите кои беа задолжени да ги спроведат. Но, за се што ќе се прави во иднина, ќе се погрижи да се спроведе.
„Се работи за сет од мерки. Секоја од нив поединечно нема да ги даде посакуваните резултати, а сите заедно ќе дадат резултати, со тоа што, ќе повторам, носители на мерките се Министерството за екологија, како и Министерството за земјоделство. Ние ќе вршиме контрола на спроведувањето на мерките. Бидејќи и најдобриот план на хартија, ако не се спроведува во реалноста нема да даде никакви резултати“
рече Ангелов.
Мечките се трајно забранети за лов во земјава. Иако станаа популарни поради се почестите излети во Жировница, се појавуваат и на други места и тоа не само на територијата на Националниот парк Маврово. Оваа недела возач на автомобил усмрти мечка на патот Тетово-Јажинце. Тоа беше втора таква сообраќајка годинава. Во првата имаше и двајца повредени патници.