Иако нужен, со законот за амнестија, според професорот по уставно право Светозар Шкариќ, Собранието игра улога на суд и суди по итна и кратка постапка. И академикот Владо Камбовски смета дека со Законот за амнестија Собранието упаѓа во сферата на казнената политика и додава оти треба да се преиспитаат аргументите за носење на законското решение
Измените на Законот за амнестија се нужни поради пренатрупаноста на затворите, но Собранието мора да внимава колку и како ќе го користи исклучокот од правилото со донесување на закон преку кој упаѓа во сферата на казнената политика, сметаат експертите кои денеска учествуваа на дебатата „Законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица во Република Северна Македонија“.

Амнестијата е нешто што постоело и ќе постои, вели поранешната судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, но првиот тест што треба да се применува и да се оценува е законитоста. За да може да помине првиот тест, вели Николовска, мора да постои квалитетен закон.
„Кога зборуваме за квалитетот на законот, тука ќе треба да се расчленува и да се гледа што овој закон за амнестија носи. Секако дека целта на носење е многу важна имајќи ја предвид, меѓу другото, и пропорционалноста, меѓутоа, она што е најважно е што ќе се постигне со таа амнестија“,
рече Цаца Николовска во изјава за медиумите пред почетокот на настанот.

Николовска вели дека проблемот со затворите е фактичка состојба, но оти не е сигурна дали со измените на Законот за амнестија проблемот ќе биде решен. Вели оти законските измени несомнено ќе ослободат дел од затворите, но посочува дека државата мора прво да размислува на друг начин да овозможи извршувањето на казните да биде на достоинствен начин.
Дека амнестијата е нужна поради пренатрупаноста на затворите, смета и професорот по уставно право Светомир Шкариќ, но, како што вели, мора да се внимава на секое помилување.

Според Шкариќ, со законските измени се вршат промени во судската сфера какви што досега не се забележале, а тоа го оцени како удар на правниот систем и на судството.
„Затворите се пренатрупани, нема место за нови криминалци. Тоа го дозволивме и поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови. Мора правото да страда, посебно да страда уставното и кривичното право затоа што со секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт“,
рече Шкариќ,
Со овој закон, додава Шкариќ, Собранието игра улога на суд и суди по итна и кратка постапка.
И академикот Владо Камбовски смета дека со Законот за амнестија Собранието упаѓа во сферата на казнената политика. Академикот вели дека Собранието треба да донесува закон за амнестија само кога за тоа има оправдани причини. За конкретниот случај, вели тој, Собранието даде одредени аргументи кои треба да се преиспитаат.
„Главно претегнува аргументот за преоптовареност на затворите. Тоа е значаен аргумент што треба да се провери, да се испита дали е издржан или не. Кај нас од околу 7 700 осудени лица само околу 1 500 се осудуваат на казна затвор, додека во околу 3 500 казните затвор се условни, т.е. се изрекува условна осуда на казна затвор. Тоа е колку се изрекува годишно. Меѓутоа, имајте предвид дека бројот на затвореници не се сведува секоја година, туку се акумулира од година во година. Така што ако имате изречени подолготрајни затворски казни, вие ќе имате преполни затвори, ако побрзо тече тоа влегување – излегување од затвор тогаш затворите ќе бидат сосема доволни“,
вели академик Камбовски.

Камбовски го потенцираше слабиот капацитет на затворите во кој, како што вели, не е задоволен ни основниот физички простор за престојување, а, не, пак, другите елементи што треба да го поддржат процесот на ресоцијализација на осудените лица. Тој елемент, вели академикот, е клучен за на крајот да се оцени дали во овој случај навистина ни е потребен закон за амнестија.
„Мојот прв впечаток е дека тоа е така кога ги гледаме не само сликите од затворот, туку и исказите на затворениците кои излегуваат во јавноста. Не можете да го фрлите човек во такви услови на лишување од слобода кои се крајно нехумани“,
рече Камбовски.
Предлог-законот за амнестија, кој на предлог на Министерството за правда беше усвоен од Владата, ќе се најде на пленарна седница на Собранието закажана за 2 ноември.
Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се предлага ослободување од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.