Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска тврди дека според актуелните податоци не се очекува пораст на стапката на инфлација и дека очекувањата за движењата на цените на примарните производи до крајот на годината се коригирани надолу.
Таа нагласува дека во првите три месеци од оваа година, исто како и минатата, стапката на инфлација е релативно ниска и стабилна и просечната стапка на инфлација, заклучно со март, изнесува 0,6 проценти што е под проекцијата.
Во интервју за неделникот „Капитал“ таа потенцира дека ситуацијата со коронавирусот негативно се одразува на економската состојба, но дека преку одредени мерки инфлацијата се држи во нормални граници.
„Пандемијата негативно се одрази врз глобалната побарувачка, што доведе до надолно приспособување на цените на повеќето берзански производи. Овој пад е посебно изразен кај цените на нафтата на светските пазари, каде што дополнителен ефект имаше и неможноста за договор помеѓу најголемите производители на овој енергенс. Ваквите поместувања ќе имаат директен надолен ефект врз стапката на инфлација во македонската економија преку пониските домашни цени на горивата, што, впрочем е веќе видливо и преку мартовските податоци за инфлацијата. Пониските цени на енергентите, коишто се влезна компонента и кај другите производи и услуги, може дополнително да влијаат и на останатите цени“,
истакнува Ангеловска-Бежоска.
Покрај директниот ефект од пониските увозни цени, надолно влијание врз цените кај нас се очекува и преку каналот на домашната побарувачка, посочува гувернерката. Дел од преземените мерки за спречување на ширењето на вирусот, како што напоменува таа, влијаат во насока на одложување на потрошувачката на домаќинствата, што би можело да доведе и до надолно приспособување на цените во македонската економија.
Гувернерката на националната банка посочува дека не треба да се прави споредба на оваа и кризата од 2008 година, бидејќи во овој случај се работи за неекономско влијание и најавува дека во текот на следната година се очекува нејзино закрепнување.
„За разлика од 2008 година, кога кризата беше резултат на сериозно нарушување на макроекономските фундаменти во глобални размери, тековно се соочуваме со шок од неекономски карактер и како таков тој не би требало да се одрази врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите ниту, пак, да доведе до креирање подлабоки структурни проблеми“,
нагласува Ангеловска-Бежоска.