„Колку вработени се распоредени на работни места според правилникот за систематизација, колку од истите не се во согласност со систематизацијата, дали има вработени на Клиниката со несоодветно образование, дали вработените земаат помали или поголеми плати кои се согласно колективниот договор или не се. Исто така дали е разгледана систематизацијата на Клиниката“, праша Мизрахи

Директорите на Клиниката за онкологија по наодите на ревизорскиот извештај не дале забелешки, што значи дека стојат зад истите и ги потврдуваат, а во самиот извештај има низа на неправилности во работата на Онкологија, рече пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата на собраниската седница на Комисијата за финансирање и буџет на која се разгледуваше ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија.
Осврнувајќи се на ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија, Мизрахи упати низа на прашања до државниот ревизор Максим Ацевски.
„Колку вработени се распоредени на работни места според правилникот за систематизација, колку од истите не се во согласност со систематизацијата, дали има вработени на Клиниката со несоодветно образование, дали вработените земаат помали или поголеми плати кои се согласно колективниот договор или не се. Исто така дали е разгледана систематизацијата на Клиниката“,
праша Мизрахи.
Мизрахи постави прашања и во врска со набавката на лекови за малигните болни кои се лекуваат на Клиниката за онкологија.
„Набавката на лекови би требало да го прави стручен колегиум, во планот кај стручниот колегиум треба да има заклучоци кои одат до Фондот за здравствено осигурување, што содржеше планот на Клиниката до ФЗО и кој го доставил, потпишал планот доставен до ФЗО, бидејќи согласно наодите на Државна ревизија на Клиниката немало стручен колегиум, прашање е дали и воопшто постоел“,
го праша Мизрахи ревизорот Ацевски.
Мизрахи укажа дека и констатацијата на ревизијата дека се земани, набавувани лекови на реверс без јавна набавка само по себе е кривично дело.
Извештаите на ДЗР за Клиниката за онкологија денеска се најдоа на расправа пред пратениците, членови на собраниската Комисија за финансирање на буџетот, а ги презентираше директорот на Заводот за ревизија, Ацевски.
Во своето излагање главниот државен ревизор Максим Ацевски пред членовите на Комисијата соопшти дека во историјата на постоењето на ЈЗУ Клиника за онкологија и радиотерапија се извршени повеќе ревизии, почнувајќи од 2008, 2012, како и ревизија на финансиските извештаи за 2021 година.
Осврнувајќи се на набавката на потребната терапија, Ацевски рече дека таа е извршена од страна на Министерството за здравство, со согласност од самото Министерство и склучен поединечен договор од Клиниката, но за жал без добиена согласност од Фондот за здравствено осигурување, кој треба да ги обезбеди потребните средства.
„Ова укажува дека се преземени обврски во износ од 5 735 289 евра над одобрениот условен буџет од страна на ФЗОМ. Во исто време, воспоставена е пракса самите медицински лица да преземаат активности да вршат набавка на потребната биолошка терапија на име ’реверс’ пред да биде пристапено кон склучување на договорот за јавна набавка за наведената биолошка терапија“,
вели Ацевски и додава дека таквото постапување всушност создава сомнеж дека и покрај констатацијата дека одредена терапија се набавува само од еден единствен набавувач јавната здравствена установа да биде ставена во неповолна ситуација.