Доколку по однос на Иницијативата што до Врховен ја поднел скопскиот адвокат највисокиот суд заземе позитивен став, тоа би значело бетонирање на помилувањата што ги даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов. А доколку се случи тоа, помилуваните функционери, на кои уште им се суди, меѓу кои и на поранешниот премиер Никола Груевски, би се спасиле од кривичен прогон
Врховниот суд денеска преку писмено соопштение информира дека до судот е доставена Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов.

Инаку, во последните денови од јуни годинава, Врховниот суд објави дека ја потврдил првостепената и второстепената пресуда за случајот „Транспортер“ што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), потсетува порталот „Призма“.
Со тоа се затвори и последниот домашен правен лек што го имаа обвинетите во случајот, меѓу кои ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, и поранешниот секретар на Општината, Слободан Бончановски, осудени дека ја злоупотребиле службената положба при организирање превоз на ученици во Општината и го оштетиле буџетот. Набргу потоа судот ја објави и целата пресуда.
Единствената можност што им останува на осудените од тој момент е Судот за човекови права во Стразбур.
И додека среде лето судот им доставувал примероци од пресудата на обвинетите и на нивните адвокати, до Врховниот суд стигнало барање од скопскиот адвокат Миле Наумовски, што може да промени „сè“, пишува „Призма“.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија известува дека во Врховниот суд на Република Северна Македонија, доставена е Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов. Иницијативата е поднесена од Миле Наумовски, адвокат од Скопје“,
се наведува во денешното соопштение од Врховниот суд.
Од највисокиот суд за БИРН велат дека иницијативата стигнала на 26 јуни и дека е „во фаза на изготвување реферат од страна на судија известител“.
Инаку, на истиот датум (26 јуни 2023 година), Врховниот суд информира дека на седницата што Советот за казниви дела при судот ја одржал тој ден било одбиено како неосновано барањето на Талески и Бончановски за вонредно преиспитување на правосилноста на првостепената прсуда на Основниот кривичен суд Скопје и пресудата на Апелацискиот суд Скопје.
Во однос на Иницијативата поднесена од скопскиот адвокат, позитивен начелен став на највисокиот суд би значел бетонирање на помилувањата што ги даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов. А доколку се случи тоа, помилуваните функционери, на кои уште им се суди, меѓу кои и на поранешниот премиер Никола Груевски, би се спасиле од кривичен прогон.
Инаку, како што пишува „Призма“, Наумовски е адвокат кој заедно со други свои колеги во 2019 година успеаја да го извладат тогашниот осомничен Јордан Орце Камчев и бизнисмените Цветан Панделески и Ненанад Јосифовиќ од куќен притвор во случајот „Империја“ преку жалба до Врховниот суд.
Иако врховните судии Цветанка Периќ, Џемали Саити, Африм Фидани, Мирјана Лазарова-Трајковска и Сафет Кадрии, во пресудата за „Транспортер“ веќе се изјаснија дека помилувањата на Иванов не важат, адвокатот по друг правен канал побарал да се отвори прашањето за аболицијата.
На шестата од 78 страници, колку што е пресудата за „Транспортер“, врховните судии образложиле дека:
„…даденото помилување не произвело правно дејство бидејќи било дадено врз основа на членот 11 од Законот за помилување, одредба која не била дел од правниот поредок, што значи дека осудениот никогаш и не се стекнал со право да биде ослободен од кривичен прогон“.
Оттука е нејасно зошто воопшто адвокатот повторно го отвора ова прашање, кога судиите кривичари во највисокиот суд веќе донеле став, пишува „Призма“.
Освен тоа, за воопшто Врховниот суд да разгледува иницијатива со која треба да усвои начелен правен став, треба да постои различна судска пракса од различни судови, за што не станува збор во овој случај.
Според информациите на БИРН, предметот паднал во рацете на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска.
Судот има рок од најмногу шест месеци да расправа.
Ако Врховен донесе позитивен став, тоа би му одело во прилог на експремиерот Никола Груевски, чиј адвокат Димитар Дангов летово побара судот вонредно да ја преиспита правосилната пресуда во случајот „Плацови на Водно“.
Во тој предмет, Груевски е осуден на 9-годишна затворска казна, а едно од решенијата на Ѓорѓе Иванов за помилување е токму за кривично дело, за кое е осуден поранешниот премиер во предметот „Плацови на Водно“.
Груевски би се офајдил и во предметот „Титаник“, каде што е обвинет, но и помилуван дека злоупотребил пари за финансирање на изборната кампања и дека го повредил избирачкото право на гласачите.
За адвокатската иницијатива треба да се расправа по усвоените измени на Кривичниот законик во Парламентот, со кои ексфункционери би се спасиле од кривичен прогон бидејќи измените предвидуваат помали затворски казни, а со тоа и побрзо застарување на кривичните дела.
Групата граѓански организации за реформи во правосудството – Блупринт, денеска на прес-конференција соопшти дека се повлекува од процесот за изработка на новиот Кривичен законик, со оглед на „целосната состојба каде што се дава легитимитет на нелегитимното“.
Текстот во врска со веста за поднесената Иницијатива до Врховниот суд можете да ја прочитате на ТУКА.