Она што е идентично за Клиниката за онкологија и за битолската болница е дека и двете располагаат со соодветен апарат кој се нарекува акцелератор и е наменет за лекување на онколошките пациенти. Но, за жал, поради несоздадени услови е дадена поголема сума на средства, меѓутоа до денот на извршување на ревизијата апаратите не се ставени во функција, вели главниот државен ревизор

Во ревизорските извештаи објавени во април се констатирани неправилности на Клиниката за онкологија и во битолската болница, посочува главниот државен ревизор Максим Ацевски во интервју за „Радио Слободна Европа“.
„Она што е идентично за двете клиники е дека и двете располагаат со соодветен апарат кој се нарекува акцелератор и е наменет за лекување на онколошките пациенти. Но, за жал, поради несоздадени услови дадена е поголема сума на средства, меѓутоа до денот на извршување на ревизијата апаратите не се ставени во функција“,
вели Ацевски.
За Клиниката за онкологија, како што вели тој, констатирано е и дека имало проблем и во начинот на кој се водело издавањето на терапијата.
„Ако ја погледнете содржината на конечниот ревизорски извештај или резимето, утврдено е дека има проблем во начинот на кој се водело издавањето на терапијата, лицата кои се ставаат на терапија, набавката на терапија и евиденцијата. Според пресметките, терапијата која е набавена е во износ од 6 милиони евра и се гледа дека е евидентирана на крај на годината. Негативно во работата на клиниката е што има голем број обврски кои се преземени надвор од предвидениот буџет за нејзино работење“,
додава Ацевски.
На прашањето дали Обвинителството се заинтересирало за Клиниката за онкологија веднаш откако бил објавен извештајот или, пак, откако се актуелизира преку медиумите, Ацевски вели дека не е битен моментот на постапувањето на Јавното обвинителство, туку целта е да излезе точната информација и да се утврди фактичката состојба и ако има незаконски постапувања кои треба да ги потврди Јавното обвинителство, да се преземе сѐ што треба со цел јавноста да ја знае вистината и да биде пресудено во интерес на правдата и во интерес на заштита на јавните средства, затоа што тоа се пари на даночните обврзници.
Прашан дали е побарана помош од истражителите, Ацевски појаснува дека доказите до кои доаѓаат ревизорите се чуваат во електронска форма и сѐ со што располагаат се предава на Јавното обвинителство.
„Не само во овие два извештаи, туку и за другите за кои Јавното обвинителство оценува дека има основ за постапување ги бара сите докази кои ние сме ги прибрале во текот на ревизијата. Сѐ она со што располагаме, предаваме на обвинителството кое понатаму ги обработува за сопствени цели“,
додава Ацевски.
За Општата болница во Битола, ревизорите констатирале неправилности во делот на исполнувањето на законскиот минимум за работни часови за редовно работно време наспроти поголемата исплата за дежурства и во исто време ангажирањето на ист медицински персонал во други медицински установи.