Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев до граѓаните но и припадниците на МВР упати Велигденска видео-порака. Во неа тој вели дека во овие исклучително тешки моменти, испраќа пораки со надеж дека ќе допрат до секој поединец и ќе бидат водилка во санација на сите видливи и невидливи последици кои зад себе ги остава пандемијата на коронавирусот.
Јас немам дилема, немајте и вие – заедно ќе ја победиме пандемијата. Тоа што сега за нас е прироритетно е таа победа да не биде „пирова“, односно да биде со што помалку изгубени човечки животи, затоа што само човечкиот живот има непроценлива вредност.
вели Чулев во честитиката.
Борбата за секој човечки живот, за здравјето на граѓаните мора да биде бескомпромисна, сеопфатна, дисциплинирана, смета Чулев.
Институциите на системот, особено оние што се на првата линија во стратешката превенција и справување со пандемијата, а тука пред се мислам на министерствата за здравство, на полицијата, на армијата но и другите важни чинители во вакви кризни состојби, мораат, крајно пожртвувано, како и до сега да ги вложат сите свои капацитети, сите свои расположиви потенцијали за да го обезбедат здравјето и здравствената сигурност на секој наш граѓанин.
вели Чулев.
Министерот за внатрешни работи смета дека таквото заедништво, денес на големиот христијански празник Велигден, треба да биде одраз на нашата свесност за важноста на таа највозвишена морална вредност, на највисоката етичка доблест што треба да ја оживотвориме како конкретно дело а не пароли: пожртвуваност за секој поединец.