Од Правда соопштија дека на измените на овој закон се работело подолг период, а оти биле разгледани повеќе компаративни искуства, а најголем дел од решенијата, според Министерството, се содржани во легислативата на земјите членки во ЕУ и кај оние држави кои имаат слични правни системи со нашиот
Министерството за правда денеска преку писмено соопштение информира оти до Владата е доставен предложениот закон за помилување кој од минатата година е во фаза на изработка.
Според предложеното законско решение, претседателот на државата ќе може да помилува само лица кои се правосилно осудени и на кои веќе им е одредена казна, но не и оние што се предмет на кривично гонење.

Како една од клучните одредби на предлог-законот, од Правда ја посочуваат и самата постапка за помилување каде што, како што нагласуваат, се предвидени кратки рокови за секоја од институциите кои се вклучени во постапката. Како значајни, Министерството за правда ги истакнува и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, но и на нивните претпоставени.
„Причините за донесување на законот за помилување, пред сè произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања кои се предлага да бидат регулирани со новиот закон“,
посочуваат од Министерството за правда.
Од Правда соопштија дека на измените на овој закон се работело подолг период, а оти биле разгледани повеќе компаративни искуства а најголем дел од решенијата, според Министерството, се содржани во легислативата на земјите членки во ЕУ и кај оние држави кои имаат слични правни системи со нашиот.
Во мај годинава Министерството за правда организираше јавна дебата по однос на измените на законот, а работната група задолжена за изготвување на законот застана зад решението според кое претседателот ќе може да помилува само лица на кои веќе им е одредена казна, но не и на оние што се предмет на кривично гонење.
Законот за помилување изминативе години беше предмет на повеќе измени, кои наместо одржливи решенија, предизвикаа многубројни контроверзии. Тие кулминираа во април 2016 година кога тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов донесе одлука да помилува повеќе од 50 лица опфатени во случаите на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), но и надвор од нив. Одлуката тогаш предизвика масовни демонстрации и негодувања во јавноста, но и полемика од стручната фела дали воопшто можел да даде помилувања.
Одлуката на Иванов да ги помилува, а потоа да го поништи помилувањето, беше основата по кој дел од функционерите, кои беа опфатени во истрагите на СЈО, се обратија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тие настапија со тезата дека еднаш дадено помилување не може да се повлече.
По пет години, односно на 16 февруари годинава, ЕСЧП се произнесе дека нивните жалби се недопуштени бидејќи не се исцрпени сите домашни правни лекови.